Светот повторно стравува од Ел Нињо: Можно е ново лето со екстремни горештини и временски хаос

Експертите за клима предупредуваат дека феноменот би можел да донесе нови температурни рекорди во 2026 и 2027 година, со последици и за Европа и Балканот

Од средината на 2026 година значително се зголемува веројатноста за развој на нов Ел Нињо – климатски феномен што може сериозно да влијае врз времето во различни делови од светот, предупредуваат најновите климатски анализи.

Според процените на американскиот Центар за климатска прогноза, постои голема веројатност Ел Нињо да се развие во периодот мај–јули 2026 година и да продолжи во текот на зимата 2026/2027. Во најекстремното сценарио, феноменот би можел да прерасне во силен или многу силен Ел Нињо до крајот на годината.

Ел Нињо се појавува кога површинските води во централниот и источниот тропски Пацифик почнуваат невообичаено да се загреваат. Тоа ги нарушува глобалните воздушни струења и влијае врз распределбата на врнежите и температурите низ светот.

Последиците може да бидат сериозни – подолги суши во одредени региони, пообилни врнежи и поплави во други, поинтензивни топлотни бранови, како и зголемен ризик од шумски пожари. Експертите предупредуваат дека ефектите не се чувствуваат веднаш, туку атмосферата реагира со задоцнување, па токму 2027 година би можела да биде уште потопла.

Иако Ел Нињо не е директна причина за климатските промени, научниците велат дека тој може дополнително да ги засили ефектите од веќе загреаната атмосфера поради глобалното затоплување.

За Европа и Балканот влијанието е помалку директно отколку во Пацификот, Австралија, Америка или делови од Азија, но сепак може да има промени во сезонските временски обрасци. Тоа значи можни поекстремни летни горештини, сушни периоди и зголемен ризик од пожари.

Во Македонија, експертите советуваат внимателно следење на сезонските прогнози во наредните месеци, особено поради можните последици врз земјоделството, водните ресурси и ризикот од екстремни временски услови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс