Паднаа првите пресуди за 5-те тони марихуана шверцувани во Србија

По признавањето вина за илегалниот транспорт на пет тони марихуана од Македонија во Србија, Кривичниот суд во Скопје им изрече затворски казни на двајца од обвинетите.

Двајца осомничени во случајот со шверцот на пет тони марихуана од Македонија во Србија признаа вина и склучија спогодби со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Основниот кривичен суд Скопје им изрече затворски казни од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци. Шверцот на наркотикот беше откриен кога српската полиција заплени над пет тони марихуана во магацин кај Крушевац.

Пресудите во Основниот кривичен суд Скопје се донесени врз основа на предлог-спогодбите што двајцата осомничени ги склучија со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Со признавањето на вината, тие потврдија дека го сториле кривичното дело неовластено изработување и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За ова дело, едниот осомничен е осуден на три години и шест месеци, додека вториот доби затворска казна од три години и осум месеци.

Истрагата започна откако српските истражни органи во магацин во близина на Крушевац запленија точно 5.002 килограми марихуана, што беше оценето како најголема поединечна заплена на дрога во Србија. Македонските истражни органи опфатија шест лица, поврзувајќи го случајот со скопската компанија „Алфапхарм груп“, регистрирана за одгледување канабис за медицински цели. Меѓу уапсените во Србија се најде и Иван Драгниќ, косопственик на оваа фирма, која во 2024 година добила согласност за одгледување медицински канабис.

Случајот го отвори прашањето за ефикасноста на контролата врз компаниите со дозволи за производство на медицински канабис во Македонија. Податоците покажуваат дека од 2017 година досега одобрение добиле 61 компанија, но на 14 од нив им е одземена лиценцата. Поради зачестените случаи на злоупотреби, надлежните органи извршија претреси во повеќе објекти, а истражните сознанија укажаа на ограничени капацети за надзор и недоволна дигитализација на податоците во овој сектор.

Додека за двајцата осомничени постапката е завршена, истрагата продолжува за преостанатите лица во мрежата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс