Шведска влезе во период на политичка неизвесност по изборите одржани во неделата. Првичните резултати покажуваат минимална разлика меѓу двата главни политички блока, само еден пратенички мандат. Опозицискиот блок предводен од социјалдемократите на поранешната премиерка Магдалена Андерсон според досега преброените гласови има 175 места во парламентот. Партиите што ја сочинуваат владејачката коалиција на премиерот Улф Кристерсон имаат 174 мандати.
Толку тесната разлика значи дека конечниот распоред може да изгледа поинаку откако ќе бидат преброени и преостанатите гласови.
Конечната одлука може да пристигне дури кон средината на неделата
Според шведскиот јавен сервис СВТ, во еден момент разликата меѓу двата блока била само околу 20.000 гласови. Сепак, изборниот резултат сè уште не е конечен. Се очекува дополнително да бидат преброени гласовите пристигнати по пошта, како и оние што ги дале шведските државјани кои живеат во странство.
Конечните резултати се очекуваат во среда или четврток. Дотогаш, ниту еден од двата блока не може со сигурност да ја прогласи победата. Изборите беа редовни и се одржаа на сите нивоа на власт. Во Шведска парламентарните, регионалните и локалните избори се одржуваат на секои четири години.
Тесниот резултат отвора простор за сложени преговори околу формирањето на власта, особено ако конечниот број мандати остане речиси изедначен.