Шведска денес избира: Кристерсон го отвора патот за крајната десница во владата

Швеѓаните денес гласаат на парламентарни избори на кои тесна трка водат левиот и десниот блок. Премиерот Улф Кристерсон најави дека би им понудил министерски места на „Шведските демократи“.

Швеѓаните денес излегуваат на парламентарни избори во услови на тесна трка меѓу левиот и десниот политички блок, но и со едно прашање што може да има долгорочни последици врз политичкиот курс на земјата: дали крајнодесничарските „Шведски демократи“ првпат ќе добијат места во владата.

Актуелниот премиер Улф Кристерсон, лидер на конзервативната Умерена партија, веќе најави дека е подготвен да им понуди министерски позиции на своите досегашни сојузници доколку десниот блок повторно ја освои власта. На другата страна е Социјалдемократската партија, предводена од Магдалена Андерсон, која се надева дека ќе се врати на чело на владата.

Според анкета нарачана од шведската новинска служба Екот, објавена во петокот, левиот блок има 50,8 отсто поддршка, наспроти 47,6 отсто за десниот. Разликата од 3,2 процентни поени сепак не остава простор за сигурна прогноза, особено во систем во кој владеењето со малцинска поддршка не е невообичаено.

„Шведските демократи“ од изолација до можна власт

Клучниот играч на десницата се „Шведските демократи“ (СД), антиимигрантска партија со корени во крајнодесничарските и неонацистичките кругови од 1980-тите. Партијата со децении беше изолирана од главниот политички тек. Но, на изборите во 2022 година направи голем пробив и стана втора најсилна политичка сила во земјата, во голем дел благодарение на кампањата фокусирана на имиграцијата и насилниот криминал.

Оттогаш СД ја поддржува владата предводена од Кристерсон, без нејзини претставници да добијат министерски функции. Поддршката овозможи усвојување на значително построга миграциска политика, меѓу другото преку укинување на можноста за постојан престој за дел од барателите на азил и заострување на правилата за депортација. Сега Кристерсон оди чекор понатаму и за првпат отворено зборува за можноста СД да стане дел од владата.

Според Николас Ајлот, доцент по политички науки на Универзитетот Седерторн, таквиот потег би претставувал „уште еден важен чекор кон нормализацијата“ на партијата во шведскиот политички систем. Сепак, тој смета дека прашањето за влегувањето на СД во владата не е меѓу главните грижи на повеќето гласачи.

„И покрај тоа, сепак може да се покаже како значајно за изборниот резултат“, оценува Ајлот.

Еден дел од десноориентираните гласачи би можел да се премисли доколку процени дека СД има реална шанса да добие министерски места. Тоа, според Ајлот, би можело дел од нив да ги насочи кон опозициските партии.

Безбедноста, криминалот и миграцијата во центарот на изборите

На изборите доминираат теми како националната безбедност, организираниот криминал поврзан со банди и државната социјална политика. Шведскиот политички систем традиционално се потпира на два пошироки блока, составени од по четири партии. Тоа значи дека малцинските влади и сложените коалициски договори се вообичаена појава, а формирањето стабилно парламентарно мнозинство често бара дополнителни договори меѓу партиите.

Во исто време, СД се најде во центарот на уште една контроверзија во предизборната кампања. Се појавија тврдења дека партиски претставник ширел проруски пораки на социјалните мрежи. Кристерсон изјави дека претставникот треба да биде отпуштен доколку наводите се покажат точни. Лидерот на СД, Џими Окешон, потврди дека партијата го разгледува случајот.

Изборите во Шведска доаѓаат само една недела по гласањето во германската покраина Саксонија-Анхалт, каде крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) освои речиси 44 отсто од гласовите и стана најсилна политичка сила. Успехот на АфД повторно го отвори прашањето за растот на крајната десница во Европа. Во Шведска, пак, денешното гласање може да покаже дали следниот чекор ќе биде нејзино целосно влегување во националната власт.

За Социјалдемократите, победа би значела враќање на партијата на кормилото на земјата. За Кристерсон, нов мандат би можел да значи и историска промена во начинот на кој Шведска ја третира својата некогаш изолиранa крајна десница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс