Избирачките места во Шведска се отворени од 8 часот наутро и ќе работат до 20 часот по локално време. Граѓаните денеска не избираат само нов парламент, туку гласаат и на регионални и локални избори. Првите гласови веќе ги дадоа претседателот на парламентот Андреас Норлен и лидерка на Социјалдемократите, Магдалена Андерсон.
Националните избори се одвиваат во услови на исклучително тесна трка меѓу левиот и десниот политички блок. Според повеќе последни истражувања на јавното мислење, разликата меѓу нив е толку мала што исходот може да биде познат дури по сложени постизборни преговори. Десниот блок го сочинуваат владејачките Умерени, Демохристијаните и Либералите, со поддршка од „Шведските демократи“. Партијата од 2022 година ја поддржува владата на премиерот Улф Кристерсон, но без директно учество во неа.
Кристерсон сега оди чекор понатаму и најавува дека, доколку десницата обезбеди доволно гласови, би сакал „Шведските демократи“ да станат директен дел од владата. На левата страна се Социјалдемократите на Магдалена Андерсон, Левицата и Зелените, додека Центристичката партија би можела да биде важен партнер при формирањето мнозинство.
Само 0,3 процентни поени ги делат блоковите
Последните анкети покажуваат дека изборната пресметка е речиси целосно неизвесна.
Според истражувањата на „Ипсос“, „Демоскоп“ и „Индикатор Опинион“, четирите партии од левиот блок имаат меѓу 49,3 и 50,8 отсто поддршка. Десниот блок, заедно со „Шведските демократи“, се движи меѓу 47,6 и 49 отсто, зависно од истражувањето. Една анкета на „Дагенс нихетер“ и „Ипсос“, според „Гардијан“, покажува разлика од само 0,3 процентни поени.
Во една од проекциите левиот блок би освоил 175 пратенички места, а десниот 174. Таков резултат би значел дека ниту една страна нема доволно сила сама да формира стабилна влада, па малите партии би можеле да ја имаат клучната улога. Тоа е особено важно поради шведскиот политички систем, во кој коалициите, компромисите и малцинските влади се вообичаен дел од политичката практика.
„Шведските демократи“ на чекор од историски пресврт
Една од најголемите приказни на овие избори е позицијата на „Шведските демократи“. Партијата има корени во шведскиот крајно десничарски и неонацистички политички простор од 1980-тите, но со текот на годините од маргинална политичка сила прерасна во една од највлијателните партии на десницата.
По изборите во 2022 година, нејзината поддршка беше клучна за функционирањето на десничарската влада, иако партијата остана надвор од владините структури. Нејзиното директно учество во идната влада би претставувало значаен политички преседан за Шведска.
Миграцијата е едно од централните прашања во кампањата. По мигрантската криза во 2015 година, Шведска значително ги заостри правилата поврзани со азилот, престојот и државјанството, а „Шведските демократи“ бараат дополнително ограничување на имиграцијата. Друг голем изборен приоритет се криминалот и безбедноста, особено борбата против организираните криминални групи и вооруженото насилство.
Десницата бара построги казни и поголеми овластувања за полицијата, додека левичарските партии поголем акцент ставаат на образованието, социјалните служби и превенцијата.
Избирачите истовремено одлучуваат и за економски теми – трошоците за живот, даноците, социјалната заштита и состојбата на здравствениот систем. Десничарските партии ветуваат намалување на даноците и мерки за поттикнување на вработувањето, додека левицата најавува поголеми инвестиции во здравството, образованието и јавните услуги.
Украина и НАТО се дел од изборната слика
Надворешната и безбедносната политика исто така имаат значајно место во изборната кампања. Руската инвазија врз Украина предизвика историски пресврт во шведската безбедносна политика, кој заврши со членството на земјата во НАТО во 2024 година.
Во главните шведски партии постои широка согласност за продолжување на поддршката за Украина. Разликите главно се однесуваат на обемот на помошта и на тоа колку Европа треба да инвестира во сопствената одбрана.
По затворањето на избирачките места вечерва, најголемото прашање нема да биде само кој блок освоил повеќе гласови. Ако разликата навистина биде минимална, клучно ќе биде кои помали партии ќе ја поддржат идната влада – и дали „Шведските демократи“ конечно ќе го направат чекорот од поддржувач однадвор до директен владин партнер.