Најмалку 12 загинати во шумски пожар во Шпанија, 23 лица се водат за исчезнати

Голем шумски пожар во јужна Шпанија однесе најмалку 12 животи, а осум лица се повредени, од кои четворица потешко. Спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по 23 лица кои сè уште се водат како исчезнати, додека пожарникарите се борат со огнената стихија во услови на екстремни температури.

Најмалку 12 лица загинаа во шумски пожар што избувна во регионот Алмерија, на југот на Шпанија, соопшти регионалната влада на Андалузија.

Телата на жртвите биле пронајдени во близина на малото село Бедар, недалеку од местото Лос Галјардос, каде што пожарот брзо се проширил низ шумското подрачје.

Според сведоштва на жители, пожарот можел да биде предизвикан од паднат далекувод, но властите сè уште не ја потврдиле причината за избувнувањето на огнот.

Околу 150 пожарникари се ангажирани во гаснењето и ставaњето под контрола на пожарот, додека спасувачките служби продолжуваат да трагаат по исчезнатите лица.

Некои од жртвите биле пронајдени во автомобили, додека други, според првичните информации, се обидувале да избегаат од огнената стихија која брзо се ширела.

Пожарот се случува во период на силен топлотен бран кој ја зафати јужна Европа, со температури околу 40 степени Целзиусови. Во истовреме, големи пожари се активни и во Франција и Португалија, каде што илјадници жители беа принудени да ги напуштат своите домови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс