Европската унија веќе неколку години спроведува длабока трансформација на своите гранични контроли преку два поврзани, но различни системи: ЕЕС (Entry/Exit System), кој веќе целосно функционира и ЕТИАС (European Travel Information and Authorisation System), чие воведување повторно е одложено. За граѓаните на Македонија, кои патуваат во Шенген-зоната без виза, но сепак се сметаат за државјани на трета земја, двата системи носат конкретни промени во начинот на кој се преминува границата.
ЕЕС: од прогресивно воведување до целосна оперативност
Системот ЕЕС започна прогресивно да се воведува на 12 октомври 2025 година, а стана целосно оперативен на 10 април 2026 година, на сите гранични премини на 29 европски земји што го користат системот. Правната основа е поставена уште во 2017 година, преку Регулативата (ЕУ) 2017/2226, а самото лансирање беше одложувано повеќепати во однос на првобитно планираната 2020 година.
Системот ги заменува рачните печати во пасошот со дигитална регистрација на секое влегување, излегување и одбивање на влез за државјани на трети земји што патуваат за краток престој, до 90 дена во период од 180 дена. При секое преминување на границата се снимаат името, податоците од патната исправа, биометриските податоци, отпечатоците и фотографијата на лицето, како и датумот и местото на влез или излез. Целта, според Европската комисија, е автоматско откривање на лица кои го надминале дозволениот престој, спречување на нелегална миграција и полесно откривање фалсификувани документи, во рамки на пошироката безбедносна агенда на Унијата.
Први последици: над 45 милиони премини, но и хаос на аеродромите
Според официјални податоци на Европската комисија, откако е воведен, ЕЕС регистрирал над 45 милиони гранични премини, а над 24.000 луѓе биле одбиени за влез поради неоправдана цел на посета или истечени, односно фалсификувани документи. Спроведувањето сепак не поминало мазно: аеродромот во Лисабон привремено го суспендираше системот во декември 2025 година поради чести дефекти на автоматските порти, а португалските власти испратија дополнителни 24 гранични службеници да помогнат при контролите.
Во Франција, автоматските порти со препознавање на лице сè уште не ги обработуваат американските и британските пасоши. Земјите-членки имаат право делумно да го паузираат системот до 90, па дури и до 150 дена по 10 април 2026 година, за да ги ублажат редовите во текот на летната сезона.
ЕТИАС: систем што сè уште го нема
За разлика од ЕЕС, ЕТИАС не е систем за регистрација на границата, туку претходна онлајн дозвола за патување, слична на американскиот ESTA или британскиот ETA, наменета за граѓани од земји ослободени од визи, меѓу кои и Северна Македонија. Првобитно планиран за 2021 година, лансирањето на ЕТИАС е одложувано повеќепати оттогаш, вклучувајќи ги и 2022, 2023 и 2024 година, а до неодамна официјално стоеше последниот квартал од 2026 година.
Во јули 2026 година, Financial Times пренесе дека ЕУ-ЛИСА, агенцијата задолжена за развојот на системот, внатрешно заклучила дека лансирање во текот на 2026 година повеќе не е реално, при што еден од изворите го опишал тоа како „илузорно“. Официјалната веб-страница на ЕТИАС оттогаш го отстрани конкретниот датум и сега само наведува дека системот сè уште не е во операција.
Што ќе бара ЕТИАС од патниците?
Кога конечно ќе биде воведен, ЕТИАС ќе бара од патниците да пополнат онлајн апликација пред патувањето, со надоместок од 20 евра по лице, зголемен минатата година од претходните 7 евра. Одобрената дозвола ќе важи три години или до истекот на патната исправа, во зависност од тоа што настапува прво. Системот ќе опфаќа 30 европски земји, истите оние опфатени и со ЕЕС.
За граѓаните на Македонија, ЕЕС веќе е активен факт. При секое влегување во Шенген-зоната, наместо печат во пасошот, се земаат отпечаток и фотографија на лицето, а системот автоматски го пресметува преостанатиот дозволен престој. Не постои никаков претходен чекор што треба да се преземе – регистрацијата се случува автоматски на самата граница.
Штом ЕТИАС конечно биде воведен, македонските граѓани ќе треба однапред да поднесат онлајн апликација преку официјалниот портал travel-europe.europa.eu, со плаќање на надоместокот и внесување основни лични и патни податоци. Европската комисија најавува дека точниот датум на воведување ќе биде соопштен неколку месеци однапред, а следната ревидирана временска рамка се очекува по состанокот на управниот одбор на ЕУ-ЛИСА, закажан за септември 2026 година.