Што останува од љубовта кога ќе се тргне сè што е видливо? Токму на таа граница меѓу стварното и невидливото се движи изложбата „Феномен – љубов. Низ пукнатината на стварното“ на црногорскиот уметник Иван Ѓуришиќ, која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје.
Ѓуришиќ преку цртежот и сликата ја отвора љубовта како еден од најуниверзалните, но и најсложените човечки феномени. Во неговите дела таа не е само емоција, туку простор во кој се пресекуваат видливото и невидливото, материјалното и духовното, рационалното и интуитивното.
„Пукнатината на стварното“ во поставката станува метафора за преминот кон поинакво разбирање на емоциите, односите, сеќавањето и самото постоење.
Низ својата уметничка практика Ѓуришиќ повеќе од две децении гради препознатлив авторски израз. Дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности на Цетиње во 2004 година, во класата на професорот Драган Караџиќ, а магистрирал во 2010 година во класата на професорот Ратко Одаловиќ.
Во текот на кариерата реализирал бројни самостојни и групни изложби во Црна Гора и во странство. Изложбата во КИЦ ќе може да се посети до 12 октомври. По Скопје, поставката до крајот на годината ќе биде претставена и во Нови Сад, Србија, и во Кошице, Словачка.