Што предвидува законот за заштита на жените од насилство што заглави меѓу Владата и Собранието?

Додека предложените законски решенија предвидуваат институциите да реагираат во рок од неколку часа за да спречат ескалација на насилството, самите измени со месеци чекаат да бидат ставени на дневен ред..

Полицијата да може веднаш да го отстрани насилникот од домот, судот да одлучува во рок од десет часа, да се ограничат контактите на сторителот со децата и да се обезбеди економска поддршка за жртвите. Ова се дел од законските измени за заштита на жените од насилство, кои веќе три месеци чекаат на усвојување во Собранието.

Во меѓувреме, според податоците што ги објавуваат граѓанските организации, во Македонија годинава се регистрирани седум фемициди.

Поминаа и седум месеци од одржувањето на собраниската надзорна расправа, без усвоени заклучоци со конкретни мерки, рокови и институционални одговорности.

Полицијата ќе може веднаш да го отстрани насилникот од домот

Една од најзначајните предложени измени се однесува на овластувањата на полицијата во случаи кога постои непосредна и сериозна опасност за животот и здравјето на жртвата.

Со предложените измени, полицискиот службеник ќе може на самото место да издаде усна наредба за отстранување на сторителот од домот, забрана за приближување и забрана за контактирање со жртвата.

Предвидени се и прецизни рокови за постапување на надлежните институции.

Предложена меркаРок за постапување
Отстранување на насилникот од домотВеднаш, на местото на интервенцијата
Изготвување писмена полициска наредбаВо рок од 6 часа
Одлучување на судот за меркатаВо рок од 10 часа од приемот на документацијата
Известување на јавниот обвинителВеднаш, најдоцна за 12 часа
Времетраење на итната мерка за заштитаДо 30 дена

Предвидено е и привремено одземање на оружјето што го поседува сторителот, како и поведување постапка за одземање на дозволата за оружје.

Суштината на овие измени е институциите да дејствуваат превентивно, наместо да реагираат дури откако насилството ќе ескалира.

Децата што сведочат на насилство ќе се третираат како жртви

Законските измени предвидуваат и дополнителна заштита на децата кои живеат во семејства во кои има насилство.

Како жртва ќе се третира и дете кое не е директно физички нападнато, но е сведок на семејно насилство или е изложено на последиците од насилната средина.

Се предвидува и можност за привремено ограничување на контактите на сторителот со децата.

Ваквото решение е особено значајно во случаи кога насилникот ги користи децата како средство за продолжување на контролата, притисокот и заканите врз жената, дури и откако таа ќе ја напушти насилната средина.

Економската зависност како пречка за напуштање на насилникот

Предлог-законот ја препознава и економската зависност како една од пречките со кои се соочуваат жртвите на семејно насилство.

Со новиот член 36-а се предвидува Министерството за економија и труд да обезбедува вклучување на жртвите во активните мерки за вработување.

За жените кои немаат сопствени приходи, работно место или средства за обезбедување сместување, напуштањето на насилникот честопати значи и губење на економската сигурност.

Затоа, заштитата од насилство не може да се сведе само на полициска интервенција и судска постапка. Таа подразбира и создавање услови жртвата да може самостојно да продолжи со својот живот.

Седум месеци од надзорната расправа, без конкретни заклучоци

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство е поднесен на 26 август 2026 година од група пратеници, по скратена постапка.

Три месеци подоцна, претседателот на Собранието, Африм Гаши, соопшти дека предлог-законот е испратен до Владата на мислење и дека сè уште се чека одговор.

Со тоа се отвора прашањето за одговорноста на двете институции – кога Собранието го испратило предлогот, кој е задолжен за негово разгледување во Владата и зошто постапката сè уште не е завршена

Одложувањето на законските измени не е единственото прашање за кое граѓанските организации бараат одговорност.

Во април годинава беше одржана надзорна расправа во Собранието, посветена на институционалното постапување во случаите на насилство врз жените и семејно насилство.

Седум месеци подоцна, според граѓанските организации, сè уште нема усвоени заклучоци со конкретни мерки, рокови и јасно утврдени институционални одговорности.

ПериодНастан
Април 2026Одржана собраниска надзорна расправа
26 август 2026Поднесени законските измени по скратена постапка
25 ноември 2026Граѓанските организации повторно бараат итно усвојување
26 ноември 2026Гаши соопштува дека се чека мислење од Владата

Организациите бараат законските измени да бидат усвоени најдоцна до 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, како и да се обезбедат најмалку 200 милиони денари во Буџетот за 2027 година за специјализирани услуги за жртвите и превентивни програми за сторителите.

„Ѕид на срамот“ за институционалната неодговорност

Инспирирани од „ѕидот на срамот“, на кој се повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, граѓанските организации најавија дека во наредните денови ќе упатуваат јавни прашања до носителите на јавни функции од чие постапување зависи превенцијата на насилството и заштитата на жените.

Прв на кого му се обратија е претседателот на Собранието, Африм Гаши.

„Зошто за уназадување на правата има итност, а за заштита на животите на жените – нема? Кога законските измени ќе бидат ставени на дневен ред? Кога ќе бидат усвоени заклучоците од надзорната расправа?“, прашуваат организациите.

Тие бараат јавни одговори, конкретни мерки и политичка одговорност.

Законските измени се неопходни, но не се доволни

Македонија веќе има законска рамка за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Со предложените измени треба да се зајакнат механизмите за итна заштита и да се намали просторот за институционално одложување во ситуации кога животот на жртвата е загрозен.

Сепак, ниту најпрецизните законски рокови нема да имаат ефект доколку институциите немаат доволно кадар, финансиски средства, соодветна координација и механизми за утврдување одговорност при непостапување.

Дополнително, во образложението на предлог-законот се наведува дека неговото спроведување нема да предизвика дополнителни финансиски импликации врз државниот буџет. Останува отворено прашањето дали постојните институционални капацитети се доволни за реализација на сите предложени мерки.


Седумте регистрирани фемициди годинава не можат автоматски да се поврзат со недонесувањето на законските измени. Но, тие ја нагласуваат итноста од воспоставување поефикасен систем за превенција и заштита.

е-Трн да боцка во твојот инбокс