„Стоп за Усје“ најави протестна блокада кај Црвен крст на 1 декември

Граѓанската иницијатива бара објавување на нацрт-верзијата за новата А-интегрирана дозвола за цементарницата и активирање на државната лабораторија.

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ организира протестна блокада во вторник, 1 декември 2026 година, со почеток во 17:30 часот, на раскрсницата кај Црвен крст во Скопје. Собирот се одржува по повеќе од една година институционално одложување и отсуство на конкретни решенија за контрола на индустриското загадување, соопштија организаторите.

Од „Стоп за Усје“ наведуваат дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) сè уште нема објавено ниту нацрт-верзија на новата А-интегрирана еколошка дозвола за цементарницата „Титан Усје“, ниту пак има најава за одржување јавна расправа.

Според иницијативата, новата дозвола претставува тест за тоа дали државата ќе ги примени европските еколошки стандарди и ќе воспостави еднакви правила за сите индустриски капацитети. Во соопштението се изразува загриженост и за работата на Државниот инспекторат за животна средина, при што се оценува дека формалните инспекциски контроли без континуирани реални мерења и корективни мерки не обезбедуваат заштита на граѓаните.

Покрај постапката за дозволата, граѓанската иницијатива во своето обраќање ги повтори трите приоритетни барања за воспоставување функционален еколошки надзор:


  • Активирање на државната акредитирана лабораторија: Од иницијативата потсетуваат дека пред шест месеци министерот Хоџа изјавил оти лабораторијата е целосно опремена и дека за нејзина акредитација недостига уште еден обучен вработен, но таа ниту по половина година не е ставена во функција.
  • Усогласување на алармните прагови: Се бара усогласување на праговите за активирање итни мерки при загадување на воздухот со препораките на Светската здравствена организација (СЗО).
  • Јавен 24-часовен мониторинг на емисиите: Барање за континуирано јавно објавување на податоците од мерењата на сите инсталации со А-интегрирана дозвола, со напомена дека досега не е поставена ниту една нова државна мерна станица, ниту пак на загадувачите им е наложено јавно да ги споделуваат податоците.

Протестната блокада во вторник од 17:30 часот на раскрсницата кај Црвен крст е отворен повик до сите граѓани, а од иницијативата порачуваат дека наместо нови ветувања бараат институционална одговорност и мерливи чекори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс