„Штефица Цвек“ по петти пат избра седум книги што ја поместуваат границата на современата книжевност

Регионалниот книжевен избор годинава препозна дела што отвораат прашања за припадноста, исклучувањето, насилството, војната, екологијата, зависноста и патријархатот

Регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ по петти пат ја исцрта својата субверзивна мапа на современата книжевност во регионот, избирајќи седум книги што на различни начини ги отвораат најважните општествени прашања на нашето време.

Годинава во конкуренција беа повеќе од 80 наслови објавени во текот на 2025 година на македонски и на БХСЦ-јазиците. Книжевниот корпус опфати романи, поезија, драма, книги за деца и млади, хибридни и мултимедијални дела, како и графички роман, со автори и авторки од различни генерации и со различни поетики.

Првото жири, во состав Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, од пристигнатите наслови го издвои потесниот избор од 30 книги. Потоа книгите преминаа во рацете на второто жири – Фросина Крушкаровска, Борисав Матиќ и Ивана Голијанин – кое го направи конечниот избор од седум наслови што ја сочинуваат годинашната „Штефица Цвек“.

При оценувањето, жирито посвети особено внимание на начинот на кој книжевните дела ја поврзуваат уметничката вредност со современите општествени прашања. Ангажираноста не се мереше само според темите што ги обработуваат книгите, туку и според начинот на кој тие теми се претвораат во книжевност – преку јазикот, структурата, перспективата и раскажувачките постапки.

Во потесниот избор така се најдоа книги од различни жанрови и поетики кои, секоја од свој агол, зборуваат за припадноста и различните механизми на исклучување, насилството и војната, екологијата, зависноста и патријархатот.

Оваа книжевна мапа повторно обединува дела што ја спојуваат политичката ангажираност и идеолошката смелост со препознатлив книжевен израз. Во нив феминистичките, квир и левичарските гласови не се губат пред наводната „светост“ на уметничкиот израз, ниту пред аполитичноста што по секоја цена сака да го зачува „мирот во куќа“. Напротив, токму преку книжевноста овие дела отвораат простор за преиспитување на она што ни се претставува како природно, нужно и непроменливо.

Конечниот избор на „Штефица Цвек“ потсетува и на потенцијалноста на книжевноста во агамбеновска смисла – на нејзината моќ да ги суспендира значењата и да го остави отворено она што опресивните системи го претставуваат како веќе утврдено. Книжевноста не мора секогаш да ни понуди готов друг свет; понекогаш е доволно да покаже дека постојниот не е единствениот можен. Токму во отворањето други начини на живеење, сакање, поврзување и замислување лежи дел од нејзината субверзивна сила.

Седум книги, седум различни начини на читање на сегашноста

„Хероин, леб и рудници на сулфур“ од Никола Страшек, во издание на Naklada OceanMore, го донесува личното искуство на зависноста, лекувањето и обидот за повторно враќање во заедницата. Книгата, сепак, не останува на ниво на автобиографско сведоштво. Прашањето за индивидуалното искуство го проширува кон проблемот на општествената маргинализација и односот кон луѓето кои се наоѓаат на рабовите на заедницата. Токму во спојот на личното сведоштво и пошироката општествена слика книгата се остварува како заокружено уметничко дело.

Во збирката „Битки кои не се наши“ на Федор Марјановиќ, објавена од Плави мак, стварноста навлегува во поезијата преку слики на телото, предметите, трудот и насилството. Од поединечните, секојдневни предмети и искуства, песните се отвораат кон пошироки општествени структури, при што ангажираноста произлегува од самата поетика на збирката – од начинот на кој приватното искуство се судира со различните механизми на вклучување и исклучување.

„Памук“ на Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски, во издание на Издавачката куќа „Гаврош“, се издвојува со спојот на книжевниот и визуелниот израз. Приказната за штркот и неговото движење низ изменета и загадена животна средина истовремено зборува за растењето, губењето на живеалиштата и последиците од човековиот однос кон природата. Интердисциплинарниот пристап е особено значаен затоа што приказната е надополнета со комплексна визуелна реализација, со што еколошката тема не останува само порака, туку станува дел од самата структура на делото.

„Калибан“ на Анѓела Булајиќ, во издание на Raštan izdavaštvo, е сместен на Ада Бојана, каде што личните приказни на сезонските работници се поврзуваат со загрозувањето на природното живеалиште и притисокот на економските интереси. Плановите за експлоатација и изградба стануваат двигател на поширокиот конфликт, додека фантастичните и симболичките елементи овозможуваат еколошката проблематика да стане составен дел од книжевната структура.

Слична тема на припадноста, но од сосема поинаква перспектива, развива Лидија Димковска во „Тринаесеттиот“, во издание на Издавачки центар ТРИ. Во зградата во која дванаесетте месеци живеат како своевидна заедница се појавува некој што го нарушува воспоставениот поредок – момчето Оф, кое бега од војна и ги принудува нејзините жители повторно да размислат за границите меѓу „нас“ и „другите“. Темата на различноста и прифаќањето на другиот е остварена преку бајковидна структура и јазична инвентивност, со што книгата ги спојува пристапноста и сериозноста на темата.

Во романот „Во куќата и во градината имаше многу цвеќе“ на Габриела Рукел Крашковиќ, во издание на Naklada OceanMore, враќањето во семејниот простор постепено прераснува во истражување на цел систем на вредности. Куќата, предметите, бракот, мајчинството, наследството и постојано присутното прашање „што ќе речат луѓето“ стануваат траги преку кои се открива секојдневното дејствување на патријархатот. Романот покажува како големите општествени правила најупорно се одржуваат токму преку малите, навидум безначајни навики.

„На слово Ф“ на Лејла Каламујиќ, објавена од Мултимедијален институт, донесува приказна за последиците од насилството, траумата и стигматизацијата на менталните болести, сместена во просторот на психијатриска установа во Сараево. Фрагментарната композиција соодветствува на сложеноста на искуствата на ликовите и овозможува последиците од траумата да бидат прикажани од повеќе перспективи, без проблемот да се сведе на едноставна општествена порака.

Избраните книги се разликуваат според темите, жанровите и поетиките, но ги поврзува способноста прашањата од непосредно општествено значење да ги преточат во уверливо книжевно искуство. Жирито особено ги вреднувало делата во кои ангажираноста е видлива во перспективата од која се раскажува приказната, во јазикот, композицијата, изборот на раскажувачките постапки и односот кон ликовите и нивните искуства.

Врз основа на овие критериуми, седумте книги се издвоени како дела кои со својот книжевен квалитет и начинот на кој го промислуваат современиот свет претставуваат значаен дел од годинашниот избор за книжевната награда „Штефица Цвек“.

Книжевниот избор „Штефица Цвек“ е организиран од Коалиција МАРГИНИ од Северна Македонија, Побунети читателки од Србија, Нараториум од Босна и Херцеговина и Културтрегер/Букса од Хрватска, со поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation, Heinrich Böll Foundation – Sarajevo и Rekonstrukcija Ženski Fond.

Прогласувањето годинава се одржува во рамки на есенската програма на Фестивалот за критичка култура – КРИК, куриран под темата „Грижа: начини да се биде заедно“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс