Додека цените на недвижностите низ Европа продолжуваат да растат, ново истражување покажува дека Лисабон станал едно од најнепристапните станбени пазари на континентот. Покрај него се наоѓа и хрватскиот град Сплит. За купување на просечен дом во португалската престолнина потребни се дури 18,7 годишни приходи на просечно домаќинство, што го става Лисабон на самиот врв на европската листа на недостапност.
Според податоците на платформата Numbeo, ист однос се бележи и во Сплит, кој така се наоѓа рамо до рамо со Лисабон како град каде недвижностите се најдалеку од можностите на просечниот граѓанин. Односот помеѓу цената на недвижност и приходите е еден од најчесто користените индикатори за пристапност до домување. Тој ја споредува цената на купување дом со приходите на домаќинството и покажува колку години заработка се потребни за да се купи недвижност. Колку е бројката повисока, толку е потешко да се купи дом.
Според економистот Мајк Ланген од банката ABN AMRO, сè што е над 10 веќе се смета за сериозно непристапен пазар.
Најскапи градови во Европа според однос цена–плата
Покрај Лисабон и Сплит (18,7), високо на листата се наоѓаат:
- Прага (18,1)
- Милано (18,1)
- Тирана (18,1)
- Виена (17,4)
- Белград (17,2)
- Париз (17,0)
- Лондон (16,0)
- Брно (15,8)
Овие податоци покажуваат дека сопствеништвото на недвижности станува сè помалку достапно во многу европски градови.
Долгорочен раст на цените
Според Global Property Guide, цените на станови и куќи во Португалија во последните 10 години пораснале за речиси 240%.. Во истото време, просечната плата пораснала од околу 839 евра на 1333 евра месечно – зголемување од околу 59%. Со други зборови, цените растеле речиси четири пати побрзо од платите, што создава сè поголем јаз помеѓу приходите и трошоците за домување.
Во Лисабон, овој јаз е уште поизразен од националниот просек. Квадратен метар стан во центарот на градот достигнува околу 6763 евра, што значи дека мал стан од 50 квадратни метри чини околу 338.000 евра.