Американската онлајн платформа eBay ја одби понудата за преземање од компанијата GameStop, вредна околу 56 милијарди долари. Одлуката ја соопшти претседателот на одборот на eBay, Пол Преслер, кој истакна дека понудата не е ниту кредибилна ниту привлечна, додавајќи дека компанијата може самостојно да ја продолжи својата стратегија за раст.
Според достапните информации, финансирањето на понудата вклучувало околу 9,4 милијарди долари готовина што веќе ги поседува GameStop, како и до 20 милијарди долари долг обезбеден преку TD Bank, додека остатокот би бил покриен со акции.
Извршниот директор на GameStop, Рајан Коен, изјави дека гледа потенцијал во eBay за создавање платформа која би можела да стане директен конкурент на Aмазон.Тој не ја исклучи можноста по одбивањето да се обрати директно до акционерите на eBay и да иницира непријателско преземање.
Аналитичарите од самиот почеток беа скептични кон понудата, посочувајќи дека eBay има значително поголема пазарна вредност и дека финансиската структура на договорот е тешко изводлива.