Во текот на 2025 година во Северна Македонија се регистрирани вкупно 911 бесправно изградени објекти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС). Најголемиот дел од дивоградбите се поврзани со домување, 169 објекти или 18,6% од вкупниот број. Од нив, 128 се исклучиво станбени, 24 се претежно станбени, а 17 се објекти за одмор и рекреација.
Покрај станбените објекти, значителен дел од бесправната градба се однесува и на други категории: 164 се огради (18%), 116 деловни објекти (12,7%), 113 натстрешници (12,4%), како и 110 доградби, надградби и адаптации (12,1%). Дополнително, евидентирани се 106 помошни објекти (11,6%), 79 гаражи (8,7%), 22 летни тераси (2,4%), 17 времени објекти (1,9%), девет скалила (1%) и шест тераси (0,7%).
Податоците покажуваат и дека огромното мнозинство од овие објекти дури 96,1% се во приватна сопственост, што укажува дека проблемот со бесправната градба најчесто е поврзан со индивидуални инвеститори и приватни имоти.