Шакира повторно ја пее химната на Мундијалот

По глобалниот успех на „Waka Waka“, Шакира повторно се враќа во музичката приказна на Светското првенство, овојпат со песната „Dai Dai“ за Мундијалот 2026.

Колумбиската поп-ѕвезда Шакира повторно се враќа на светската фудбалска сцена, овојпат со песната „Dai Dai“, најавена како официјална песна за Светското првенство во фудбал 2026. Мундијалот ќе се одржи во САД, Мексико и Канада, а песната официјално ќе биде објавена на 14 мај.

Шакира ја најави песната преку едноминутно видео од легендарниот стадион „Маракана“ во Рио де Жанеиро. Во „Dai Dai“ таа пее на англиски и шпански јазик, а во песната гостува и нигерискиот музичар Burna Boy, еден од најпознатите претставници на афробитс сцената.

Ова е уште едно враќање на Шакира во музичката приказна на Светските првенства. Таа настапи со „Hips Don’t Lie“ на финалето во 2006 година, ја испеа официјалната химна „Waka Waka (This Time for Africa)“ за Мундијалот во Јужна Африка во 2010 година, а во 2014 година ја изведе и „La La La“ на затворањето во Рио де Жанеиро.

Светското првенство во фудбал 2026 ќе почне на 11 јуни во Мексико Сити, а ќе трае до 19 јули, кога финалето ќе се игра на стадионот „Метлајф“ во близина на Њујорк. Ова ќе биде првиот Мундијал со 48 репрезентации.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни