Северна Кореја испраќа засилување од десет илјади војници за руските сили

Киев тврди дека на руска територија веќе дејствуваат осум илјади припадници на силите од Пјонгјанг, додека траат дипломатските тензии меѓу Киев и Сеул.

Северна Кореја подготвува нов контингент од десет илјади војници за распоредување во Русија, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски повикувајќи се на нови разузнавачки податоци. Според Киев, на руска територија веќе се наоѓаат повеќе од осум илјади севернокорејски борци, а воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг продолжува да се продлабочува и покрај дипломатските притисоци.

Украинскиот претседател соопшти дека во Северна Кореја веќе тече процесот на одбирање војници кои ќе поминат низ обука пред директно да заминат на руска територија. Ова соопштение доаѓа по претходните проценки на Киев дека Пјонгјанг би можел да стави на располагање вкупно до 50 илјади припадници на своите вооружени сили.

Според проценките што ги делат украинските и јужнокорејските служби, од 2024 година наваму режимот на Ким Џонг Ун веќе испрати меѓу 14 и 15 илјади војници како поддршка на руските операции. Најголемиот дел од овие сили досега беше распореден во пограничната Курска област.

Освен војници, Пјонгјанг континуирано ја снабдува Москва со муниција. Проценките на сојузниците покажуваат дека руската армија досега доби милиони артилериски и минофрлачки гранати, балистички ракети и повеќецевни ракетни системи од севернокорејско производство.

Новите податоци за распоредувањето војници доаѓаат во момент на заладени релации меѓу Украина и Јужна Кореја. Властите во Сеул побараа официјално објаснување и извинување од Киев откако Зеленски јавно соопшти дека двајца заробени севернокорејски војници биле префрлени на јужнокорејска територија.

Јужнокорејската страна реагираше дека со јавното соопштување бил прекршен претходен договор за доверливост на операцијата. Од друга страна, украинските власти негираат постоење на таков протокол.

Сеул досега одобри финансиски и хуманитарен пакет помош за Киев во вредност од 100 милиони долари, но задржа цврста позиција да не испраќа смртоносно оружје во конфликтот. Поради тоа, Зеленски повеќепати апелираше директно до јужнокорејското раководство да ја преиспита одлуката и да помогне во украинската противвоздушна одбрана.

е-Трн да боцка во твојот инбокс