Седум пријави за семејно насилство за едно деноноќие, шест лица лишени од слобода

МВР регистрира седум пријави за семејно насилство и агресивно однесување во последното деноноќие. Шест лица се лишени од слобода.

Во последното деноноќие полицијата регистрирала седум пријави поврзани со семејно насилство и агресивно однесување во повеќе градови низ државата. Шест лица се лишени од слобода, а против сторителите ќе следуваат соодветни пријави по целосно документирање на случаите.

На 18 мај, во 04:30 часот, во скопско село на подрачјето на општина Чучер-Сандево, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 33-годишниот Н.А. од скопско. Тој бил пријавен дека околу 03:30 часот во семејниот дом физички ја нападнал својата 33-годишна сопруга.

Истиот ден, во 10:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода 42-годишниот А.Т. од Куманово, по пријава од неговиот 85-годишен дедо. Според пријавата, по кратка расправија во семеен дом во село во општина Старо Нагоричане, тој физички го нападнал дедото.

На 19 мај, во 01:30 часот, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода А.Ќ. на возраст од 43 години и нејзината 20-годишна сестра Е.Ќ., двете од Куманово. Тие биле пријавени дека во семејна куќа физички ја нападнале сопругата на нивниот починат татко.

Во Тетово, 18-годишна жена пријавила дека нејзиниот 26-годишен сопруг од неготинско село ѝ се заканувал преку мобилна апликација.

Во Охрид, полицијата лишила од слобода две лица во два одделни случаи. Во 20:00 часот бил приведен 67-годишниот Ѓ.М. од Охрид, по пријава дека по кратка расправија во семејниот дом физички ја нападнал својата 61-годишна сопруга. Претходно, во 19:25 часот, бил лишен од слобода М.И. од Дебар, по пријава од неговата 23-годишна вонбрачна партнерка дека на 15 мај физички ја нападнал во семејниот дом.

Во битолско село, на 18 мај во 21:40 часот, полициски службеници од СВР Битола го привеле 50-годишниот И.К. поради агресивно и недолично однесување со кое го нарушил јавниот ред и мир. По службен разговор, тој бил спроведен во здравствена установа. Подоцна, неговата 44-годишна сопруга пријавила дека истиот ден околу 18:30 часот агресивно се однесувал во семејниот дом, ѝ се заканувал и физички ја нападнал нивната малолетна ќерка.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите, а по нивно целосно документирање против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс