Поранешниот советник на Груевски, Сем Вакнин обвинет за сексуално насилство и лажна терапија

Британската новинарка Ајла Тракуер открива сведоштва на жени кои тврдат дека Сем Ваткин, кој беше советник на поранешниот премиер Груевски ги злоупотребувал на сеанси

Поранешниот советник на Никола Груевски, Сем Вакнин, се соочува со сериозни обвинувања за силување, сексуално злоупотребување и лажно претставување како психотерапевт, објави порталот Коректив. Наводите се дел од документарецот „Сценариото на нарцисот“ и серијалот поткасти на британската истражувачка новинарка Ајла Тракуер, каде повеќе жени сведочат за психолошка манипулација и насилство за време на приватни сеанси што им ги наплаќал стотици евра.

Според истражувањето на британската новинарка Ајла Тракуер, Вакнин нема соодветна диплома по психологија ниту лиценца за терапевт во Македонија, но со години нудел психолошки услуги и консултации преку интернет и во живо. Една од жртвите, жена од Русија, тврди дека му платила илјадници евра за интензивни средби, додека цената за поединечни сеанси достигнувала и до 750 евра од час. Тракуер наведува дека Вакнин ги користел патувањата на меѓународни семинари за да закажува средби во хотелски соби со клиентки од странство, при што за состаноците во живо барал исклучиво готовина.

Жртвите во документарецот го обвинуваат Вакнин дека ја злоупотребувал нивната претходна ранливост и трауми. Тој практикувал таканаречена „ладна терапија“, метод преку кој тврдел дека ги соочува пациентките со нивните трауми со создавање деградирачка атмосфера и навредлив сексуален речник. Сведоштвата на жените посочуваат на силување, понижувачки сексуални дејствија, поттикнување на самоубиство и пренесување на канцероген хуманопапилома вирус (ХПВ). Според авторката на филмот, најмалку шест жени директно сведочеле за насилство, додека група од 13 жени споделиле сознанија за околу триесет потенцијални жртви.

Наводите за ваквото однесување датираат уште од крајот на првата деценија од овој век, кога слични поплаки добил и австралискиот режисер Ијан Вокер за време на снимањето на филмот за психопатија во кој учествуваше Вакнин. Новинарката Тракуер објаснува дека пријавувањето во полиција било отежнато бидејќи жените не биле државјанки на земјите каде што се случувале нападите, а целиот процес бил проследен со долготрајна манипулација. Кога се обидувале да побараат помош, Вакнин системски ги дискредитирал пред другите клиентки, нарекувајќи ги психички нестабилни.

е-Трн да боцка во твојот инбокс