Жителите на живописното словачко село Влколинец, кое е под заштита на УНЕСКО, сè погласно негодуваат поради масовниот туризам. Иако селото секоја година го посетуваат околу 100.000 туристи, неговите постојани жители велат дека секојдневниот живот станал речиси невозможен.
Во селото живеат само 17 жители, а најстариот меѓу нив, 68-годишниот Антон Сабуха, вели дека туристите постојано влегуваат во приватни дворови, фотографираат без дозвола и се однесуваат како целото место да е туристичка атракција. Поради тоа, дел од жителите сметаат дека Влколинец треба да биде отстранет од листата на светско наследство на УНЕСКО.
Влколинец е познат по своите традиционални дрвени куќи и од 1993 година се наоѓа на листата на светско културно наследство. Во селото редовно се организираат презентации на стари занаети, народни обичаи и фестивали, но локалните жители тврдат дека дел од тие содржини повеќе не ја претставуваат вистинската традиција на местото.
Дополнителен проблем е недоволната инфраструктура. Селото нема доволно паркинг-простор, пристапни патишта и јавни тоалети, па жителите се жалат дека туристите понекогаш вршат нужда во приватни дворови или по грешка влегуваат во нивните домови.
Локалните власти нагласуваат дека Влколинец нема да го загуби статусот на УНЕСКО и најавуваат инвестиции за подобрување на инфраструктурата, изградба на дополнителни јавни тоалети и нов паркинг надвор од селото. Жителите добиваат и годишен надомест од 400 евра како компензација за последиците од туризмот.
И покрај проблемите, во последните години две семејства се преселиле во Влколинец, привлечени од природата, тишината и планинскиот пејзаж. Сепак, дел од мештаните предупредуваат дека без подобра организација на туристичките посети, животот во ова мало историско село ќе стане уште потежок.