Самостојната изложба „Галена, Мазена, Пазена“ на визуелната уметница Ана В’чкова ќе биде отворена в сабота, 28 ноември 2026 година, во 20:00 часот во Културно-социјалниот простор Центар-Јадро (КСП Центар-Јадро) во Скопје. По неодамнешното претставување во берлинскиот „Prima Center Berlin“, циклусот дела куриран од д-р Ана Франговска за првпат излегува пред домашната публика и ќе може да се посети до 7 декември 2026 година.
Во новиот циклус на В’чкова, домот престанува да биде само физички простор или сценографија и преминува во материјална, телесна и психолошка состојба. Како што наведува кураторката д-р Ана Франговска, авторката ги прекинува вообичаените линии на блискост и употреба на секојдневните предмети, инспирирана од концептот на ориентација на теоретичарката Сара Ахмед.
Најрадикалната постапка во поставката се случува врз самата фотографија. Испечатена врз текстил, таа се собира, се превиткува, се набира и се деформира. Иглите ја прободуваат, металните елементи ја фиксираат, чипката ја опкружува, а епоксидната смола ѝ дава влажна и сјајна присутност, со што сликата се претвора во кожа.
Мотивите на делата произлегуваат од интимниот речник на секојдневието: мијалник, одвод, презреано овошје, цвеќе, инсекти, чинии, чипка и фрагменти од женско тело. Во вообичаениот режим на гледање овие елементи се поделени на чисто и нечисто или пожелно и непожелно, но В’чкова ги доведува во непосредна близина.
Цветовите се појавуваат веднаш покрај нечистотијата во одводот, декоративната чипка опкружува инсект, а презреаното овошје стои на границата меѓу храната и распаѓањето. Женското тело се преклопува со ткаенината, со што вообичаените естетски поделби ја губат својата сигурност.
Ана В’чкова (1998) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, на отсекот сликарство, модул сценографија. Таа е членка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), а нејзината пракса опфаќа сликарство, фотографија, графички дизајн и видео.
Пред скопската премиера на „Галена, Мазена, Пазена“, циклусот беше прикажан во Берлин со поддршка од Министерството за култура и туризам. Во својата досегашна кариера В’чкова ги реализираше самостојните изложби „Diversus“ во МКЦ (2023) и во рамки на филмскиот фестивал „Ѕирни“ (2025), а учествуваше и на меѓународни резиденции и групни поставки во Галичник, Скадар, Приштина и Манчестер.
Поставката во КСП Центар-Јадро се реализира во соработка со уметничката платформа „Пионери“ (Pioneri Art Platform) и со поддршка од „КАМ маркет“ и „Д-р Пановски“.
