Жената била пронајдена тешко повредена и со обилно крвавење во својот дом во Мархтренк, во близина на Велс, на 26 јуни. Итната медицинска помош ја прогласила за почината на местото, по што била наредена обдукција.
Обвинителството во Велс истражува дали во злоупотребата учествувале и други мажи, како и дали сопругот можеби им овозможувал пристап до жената во замена за пари. Обвинителите нагласуваат дека медиумските наводи за поширока мрежа сè уште не се потврдени.
Во притвор се наоѓаат сопругот на жртвата и уште еден 51-годишен маж. Според обвинителството, досегашната истрага го поврзува единствено сопругот со дејството што ги предизвикало смртоносните повреди.
Вториот осомничен признал дека во два наврати ја злоупотребил жената додека таа не можела да се брани и изразил каење, соопштија обвинителите. Тие додаваат дека засега нема докази оти меѓу него и сопругот биле разменети пари.
Сопругот одбил да ги коментира обвинувањата. Против него се води истрага за злоупотреба на беспомошно или онеспособено лице со смртни последици. За ова дело австриското законодавство предвидува затворска казна од 10 до 20 години или доживотен затвор. Во зависност од доказите за неговата намера, обвинението може да биде променето во убиство.
Австриските медиуми го нарекуваат случајот „Пелико 2.0“, споредувајќи го со случајот на Французинката Жизел Пелико. Нејзиниот поранешен сопруг Доминик Пелико со години ја дрогирал и повикувал десетици мажи да ја силуваат додека била во несвест.
Обвинителството во Велс соопшти дека истрагата продолжува, но одби да открие дополнителни подробности поради заштитата на жртвата и интересите на постапката.