Седуммина уапсени во Србија за две убиства, еден од осомничените е во затвор во Македонија

Покрај М.С., кој е во затвор во Македонија, пријавата опфаќа лице што веќе е во притвор во Белград, две лица во притвор во Грција и Белгија

Српската полиција уапси седум лица осомничени дека биле дел од организирана криминална група поврзана со две убиства и киднапирање. Со кривичната пријава се опфатени уште пет лица, меѓу кои и М.С., кој се наоѓа во затвор во Македонија, соопшти српското Јавно обвинителство за организиран криминал.

Групата се сомничи за организирање и извршување на убиствата на Милан Стоковиќ на подрачјето на Пожаревац и на Живко Бакиќ во Белград. Стоковиќ бил киднапиран на 14 октомври 2025 година, додека убиството на Бакиќ било извршено во јануари годинава.

Меѓу уапсените се шест лица од Белград и едно од Пожаревац. Во акцијата учествувале криминалистичката полиција, службата за борба против организиран криминал, Жандармеријата, специјалната антитерористичка единица и Безбедносно-информативната агенција.

Покрај М.С., кој е во затвор во Македонија, пријавата опфаќа лице што веќе е во притвор во Белград, две лица во притвор во Грција и Белгија и едно лице во бегство. Во пренесеното соопштение не се наведува во кој македонски затвор се наоѓа М.С., ниту поради кој случај.

Осомничените се товарат за здружување за вршење кривични дела, тешко убиство, киднапирање, незаконско поседување и трговија со оружје и експлозивни материи, како и трговија со дрога.


По полициското задржување, уапсените ќе бидат спроведени на сослушување во Јавното обвинителство за организиран криминал.

е-Трн да боцка во твојот инбокс