Во земјава е регистриран седми смртен случај како последица на западнонилска треска. Починатиот пациент бил од скопската општина Гази Баба и повеќе од 38 дена се лекувал во болница.
Информацијата ја соопшти министерот за здравство Сашо Клековски на прес-конференција, посочувајќи дека станува збор за пациентот кој најдолго бил хоспитализиран поради ова заболување. Пациентот имал и други хронични заболувања.
Според информациите од здравствените власти, во моментов поради западнонилска треска се хоспитализирани 19 пациенти.
Новите случаи регистрирани од почетокот на неделата се од северниот дел на Скопје, односно од Скопје Север и Радишани
Вирусот Западен Нил најчесто се пренесува преку убод од заразен комарец. Главен природен резервоар на вирусот се птиците, додека луѓето и коњите можат да заболат, но не ја пренесуваат инфекцијата директно на други лица.
Кај најголемиот дел од инфицираните не се појавуваат симптоми. Кај дел од заболените може да се јават покачена температура, главоболка, замор, болки во мускулите, мачнина или осип.