Охрид СОС алармира за можна нелегална сеча во зоната на строга заштита кај изворите на Црн Дрим во Свети Наум, во рамки на Националниот парк „Галичица“. Реакцијата доаѓа откако во јавноста беа објавени фотографии на кои, според здружението, се гледаат исечени стебла и уништена вегетација во заштитеното подрачје.
Од Охрид СОС велат дека фотографиите биле објавени утринава и оти веднаш реагирале до надлежните институции. Според нивната објава, барања се испратени до Државниот инспекторат за животна средина, Министерството за животна средина и просторно планирање, општинските инспектори и до Националниот парк „Галичица“.
Здружението бара итно да се изврши вонреден инспекциски надзор и да се утврди кој ја извршил сечата и од кои причини. Воедно, тие бараат да се провери дали за интервенцијата постоело соодветно одобрение од паркот и од другите надлежни институции.
Доколку се утврди дека сечата е извршена без дозвола, од Охрид СОС бараат да се спроведат најстроги санкции против сторителите.
Случајот повторно го отвора прашањето за заштитата на чувствителните природни подрачја околу Охридското Езеро и за начинот на кој се постапува во зоните под највисок степен на заштита.