Се чека со часови за влез во Грција: Километарски колони на „Богородица“ и покрај седумте ленти

Огромни колони на граничниот премин „Богородица“ кон Грција. Возачите тврдат дека чекаат и до четири часа, иако се отворени седум ленти за излез од државата.

И покрај тоа што на граничниот премин „Богородица“ кон Грција се отворени седум коловозни ленти за излез од државата, утрово се создадоа километарски колони, а возачите тврдат дека чекаат со часови за да ја поминат границата.

Според сведоштва од терен, задржувањата достигнуваат и до четири часа, а колоните се протегаат со километри. Големиот број туристи кои викендов патуваат кон грчките летувалишта дополнително го забавува сообраќајот.

Од друга страна, утринскиот извештај на Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) прикажува поинаква состојба. Според официјалниот билтен, на граничниот премин „Богородица“ времето на чекање за излез од државата изнесувало околу 30 минути.

Разликата меѓу информациите од терен и официјалниот извештај најверојатно се должи на тоа што состојбата на преминот значително се влошила по објавувањето на утринскиот билтен на АМСМ. Со оглед на викендот и шпицот на летната туристичка сезона, се очекува засилен интензитет на сообраќајот кон Грција и во текот на денот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс