Се бара притвор за директорката и раководители во ЈП „Комуналец“ Гостивар

Осомничените во моментов се наоѓаат на распит пред судија на претходна постапка, кој треба да донесе одлука за определување на соодветни мерки на претпазливост

Основното јавно обвинителство во Гостивар побара 30-дневен притвор за директорката и за двајцата раководители во ЈП „Комуналец“ – Гостивар, поради основано сомнение за сторени тешки дела против животната средина и природата.

Осомничените во моментов се наоѓаат на распит пред судија на претходна постапка, кој треба да донесе одлука за определување на соодветни мерки на претпазливост.

Според обвинението, тројцата осомничени на 25 јуни дале наредба за поставување три пумпи во каналот со површинска вода во селото Вруток, во непосредна близина на пречистителната станица за вода за пиење, со цел да се тестира водениот притисок.

Лабораториските анализи покажаа дека водата со која се снабдуваат жителите на Гостивар содржела недозволено количество фекални бактерии. Како последица на ова, над 3.000 гостиварци завршија со болнички третман со симптоми на труење, дијареја, гадење и стомачни болки.

Од обвинителството не ја исклучуваат можноста истрагата да биде проширена и врз други лица вработени во Општина Гостивар или во ЈП „Комуналец“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс