Како изгледа кастингот кога камерата е единствениот „соговорник“? Што е важно при снимање self-tape и како актерот да ја претстави својата улога пред камера? Одговорите на овие прашања ќе ги понуди актерката Сара Климоска на работилницата „Глума пред камера и self-tape кастинг“, која ќе се одржи во рамки на осмото издание на фестивалот „ЅИРНИ“.
Работилницата е закажана за среда, 30 септември, со почеток во 13 часот, а учеството е отворено и бесплатно. Поради ограничениот број места, заинтересираните треба да го пријават своето учество преку порака или на dzirnifestival@gmail.com.
Климоска е актерка од Северна Македонија и дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Во досегашната кариера има работено на низа домашни и меѓународни филмски и телевизиски проекти. Нејзината најнова главна улога е во „Brother, Sister and a Manhole“, новиот филм на Милчо Манчевски, чија премиера е најавена за 2026 година. Ова е нивна трета соработка, по „Врба“ и „Кајмак“.
Меѓу позначајните филмски улоги на Климоска се и „You Won’t Be Alone“ на Горан Столевски, со премиера на фестивалот „Санденс“, „Housekeeping for Beginners“, прикажан на Филмскиот фестивал во Венеција, „Unshattered“ на Елеонора Венинова и „Bauk“ на Горан Радовановиќ. На меѓународната сцена настапувала и во филмовите „Nico“ на Елине Геринг, „Family Secrets“ на Малик Витхал и „Reply“ на Џејсон Лестер.
Климоска била дел од Talent Campus програмите на Сараевскиот филмски фестивал и на Берлиналето. Во 2022 година беше номинирана за наградата Heart of Sarajevo за улогата во телевизиската серија „Underneath“. Претходно, во 2021 година, беше избрана за European Shooting Star за улогата во филмот „Lena and Vladimir“, во режија на Игор Алексов.
Работилницата е дел од програмата на „ЅИРНИ 8“, фестивал кој и оваа година ја поврзува филмската уметност со едукација, музика и други форми на културно изразување.