Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша указ со кој се воведуваат санкции против продуцентите на „Маша и Медо“, популарната руска анимирана серија. Санкциите се насочени кон студиото „Анимакорд“, неговиот основач, како и кон сценаристот и режисерот на цртаниот филм. Киев тврди дека содржината претставува инструмент за руска пропаганда насочен кон најмладите.
Украинската министерка за култура Тетјана Бережна соопшти дека мерките против студиото „Анимакорд“ и неговите соработници отвораат правна рамка за целосно отстранување на серијалот во земјата. Според неа, Киев ќе побара помош и од меѓународните дигитални платформи за да се запре дистрибуцијата и монетизацијата на содржините.
Владислав Власјук, претседателски комесар за санкции, изјави дека серијата шири проруски пораки маскирани како детска забава. Затоа, според него, Украина мора да даде конкретен одговор кога пропагандата се пласира преку големи глобални сервиси.
Кремљ ги отфрли обвинувањата од Киев. Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека цртаниот филм ги промовира најдобрите човечки особини и дека потегот на Украина претставува напад врз детска содржина.
Ова не е првпат серијалот да предизвика политички реакции. Претходно и власти во Велика Британија и Естонија изразија сомнеж дека цртаниот филм функционира како мека моќ на Москва. Украина во јуни упати официјален протест и до Нетфликс поради откупот на новите сезони. И покрај воениот конфликт и претходните ограничувања, украинскиот канал на „Маша и Медо“ на Јутјуб брои над 18 милиони претплатници.