Од хакерски напади врз системите за ладење во супермаркети до закани за бомби во училишта и упад во системите на Европската комисија – ноември донесе низа инциденти што повторно го отворија прашањето колку е Европа подготвена да се справи со сајберзаканите. Експертите предупредуваат дека нападите не треба да бидат изненадување, но дека европските земји мора да инвестираат повеќе во сајбербезбедноста и подобро да ги спроведуваат постојните безбедносни механизми. Дополнителен предизвик се вештачката интелигенција и квантните компјутери, кои можат значително да ги зголемат можностите на хакерите.
Од супермаркетите до Европската комисија
На 2 ноември, системите за ладење во супермаркети во Белгија и во неколку други европски земји беа цел на сајбернапади. Нападите предизвикаа уништување храна и загриженост за ранливоста на инфраструктурата од која зависат секојдневните услуги.
Белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Кентен подоцна изјави дека Иран „многу веројатно“ стои зад нападите, додека министерот за надворешни работи Максим Прево оцени дека нема доволно докази за да се донесат заклучоци.
Супермаркетите не биле првата цел. Слични напади имало и во Франција во октомври.
„Не знаеме точно што сакале хакерите, но ако целта им била луѓето да забележат, тогаш дефинитивно успеале“, вели новинарката Розелин Мин. Таа објаснува дека упад во владина база на податоци може да остане незабележан со месеци, додека последиците од напад врз локален супермаркет се видливи веднаш, кога вработените мораат да ја празнат расипаната храна од замрзнувачите.
На 19 ноември, Европската комисија потврди дека била цел на сајбернапад. Неколку нејзини апликации привремено биле ставени надвор од употреба, меѓу нив и алатки за човечки ресурси, како „ЕУ академи“.
Според новинарот Џонатан Бентон, меѓу изложените податоци имало и електронски адреси, но не биле украдени пари. Европската комисија се сомнева дека зад нападот стои хакерска група поддржана од Кина, иако Пекинг постојано негира поддршка за групи обвинети за сајбернапади врз други земји.
Дополнителна загриженост предизвикаа и заканите за бомби, поради кои беа прекинувани летови и наставата во училишта низ Европа. Во Италија, на 11 ноември, биле мета околу 6.000 училишта, а учениците биле евакуирани.
Експертите посочуваат дека дел од заканите можеле да бидат откриени преку филтрите за несакана пошта, но предупредуваат дека тоа не е доволно. Корисниците треба внимателно да ги проверуваат електронските пораки и да препознаваат обиди за фишинг.
Не секој напад е хибридна војна
Последователните инциденти повторно ја актуализираа дебатата за хибридната војна и можните обиди за политичка дестабилизација на Европа. Сепак, Мин предупредува дека не треба секој сајберинцидент автоматски да се прогласува за хибридна војна. Како пример ја посочува Северна Кореја, каде што хакери се ангажираат и за кражба на криптовалути, без нужно да постои директна геополитичка конфронтација со целната земја.
Според експертите, Европа се движи во вистинска насока во развојот на сајбербезбедноста, но ѝ се потребни поголеми инвестиции и подобра примена на постојните правила.
„На Европа не ѝ недостигаат компании за сајбербезбедност. Во тој сектор имаме голем раст. Нашиот проблем е пазарот што може да се развива и проширува“, изјави Сесилија Бонфилд-Дал, генерална директорка на „ДигиталЕвроп“, здружение на европската дигитална индустрија.
Таа додава дека зајакнувањето на европската конкурентност и безбедност треба да биде во центарот на инвестициите и политиките.
Вештачката интелигенција и квантните компјутери отвораат нови ризици
Вештачката интелигенција веќе им помага на хакерите полесно да ги откриваат слабостите во системите што ги напаѓаат. Според Европската комисија, и нападот врз нејзините системи бил изведен со помош на алатки засновани на вештачка интелигенција. Дополнителна закана претставува и развојот на квантните компјутери, кои во иднина би можеле да ја нарушат безбедноста на конвенционалните системи за криптирање.
„Квантното пресметување значително ќе ја зголеми способноста на системите да откриваат ранливости, но и да ја пробиваат конвенционалната криптографија. Тоа значи дека лозинки и безбедносни системи за чие пробивање досега би биле потребни милиони години, во иднина би можеле да бидат пробиени за неколку часа“, објаснува Бентон.
Џојс Хекмаер, соработничка на програмата за меѓународна безбедност во институтот „Чатам хаус“, смета дека Европа мора да реагира побрзо.
„Заканите ни се познати, а познати ни се и решенијата. Вештачката интелигенција ја зголемува итноста бидејќи им помага на напаѓачите да дејствуваат побрзо, но може да им помогне и на оние што ги бранат системите. Времето што Европа го има за дејствување, сепак, се намалува“, предупредува таа.
