Германија и Австрија бараат европскиот бизнис на ТикТок да премине во европска сопственост и под европска контрола. Двете земји сметаат дека постојните регулативи не се доволни за да се одговори на безбедносните ризици поврзани со пристапот до податоците на корисниците и контролата врз алгоритмот на платформата.
„Платформата ТикТок претставува фундаментален безбедносен ризик за Европа“, изјави германскиот министер за култура и медиуми, Волфрам Вајмер, по средбата со австрискиот државен секретар за дигитализација, Александер Прел, во Виена.
Во заедничката изјава, двајцата политичари побараа „европска сопственичка структура за европскиот бизнис на ТикТок и европска одговорност за клучната технолошка инфраструктура – од алгоритмот за препораки до пристапот до податоците“.
Германија и Австрија ќе се обидат да обезбедат поддршка од останатите членки на Европската Унија за предлогот на состанокот на Советот за транспорт, телекомуникации и енергетика (TTE), кој ќе се одржи на 2 декември во Брисел. На 6 ноември, Европската комисија прелиминарно утврди дека ТикТок можеби го прекршил Законот за дигитални услуги (DSA), поради начинот на кој системот за препораки им прикажува на корисниците потенцијално штетна содржина.
Но, Вајмер и Прел сметаат дека регулативата не одговара на основното прашање: кој всушност ја контролира платформата?
„ТикТок веќе не е играчка, туку дел од инфраструктурата на нашата демократија. Оваа инфраструктура не смее да остане во рацете на геополитички системски ривал“, изјави Прел.
Во јануари, „Бајтденс“, кинеската матична компанија на ТикТок, ја отстапи контролата врз американското работење на платформата на заедничко вложување со мнозински американски сопственици. Одлуката следуваше по заканата за забрана на апликацијата во САД. Уште во мај, Вајмер изјави дека е цврсто убеден оти Европа треба да го следи американскиот пример и да ја отвори дебатата за сопственичката структура на компанијата.
Од ТикТок го отфрлија предлогот, оценувајќи дека тој „нема никаква основана причина“. Од компанијата велат дека иницијативата ги игнорира постојните европски закони, вклучително и Законот за дигитални услуги и Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR), како и нивната програма „Проект Кловер“, вредна 12 милијарди евра, наменета за заштита на податоците.
ТикТок дополнително тврди дека европското работење го водат компании регистрирани во Ирска и Велика Британија, кои подлежат на европските закони. Компанијата наведува и дека „Бајтденс“ е во мнозинска сопственост на глобални институционални инвеститори и дека кинеската влада нема сопственички удел во неа.
