Од 23 до 29 април, Арената „Борис Трајковски” во Скопје е домаќин на 38-миот Саем на книгата под мотото „Отвори прозорец кон нови светови”, со учество на над 65 издавачки куќи и повеќе од 130 промоции на нови наслови. Организаторите очекуваат над 30.000 посетители. Во рамките на настанот, разговаравме со двајца македонски издавачи и две авторки за домашната книжевна сцена, преддизвиците на малите независни издавачи, за литературата како активизам за женските права…
Ненад Стевовиќ, Или Или: „Домашните автори малку и доминираат”
Ненад Стевовиќ, еден од основачите на издавачката куќа Или Или, која повеќе од дваесет години афирмира македонски автори, го гледа саемот на книга со мешавина на задоволство и јасна критика.
„Саемите на книга се најголемите книжевни манифестации каде читателите можат да се сретнат со сите издавачи и со авторите, со годишната и претходната продукција. Тоа е од големо значење за нас”, вели тој.
За македонските автори во последната издавачка сезона, Стевовиќ набројува наслови кои останале: Хана Корнети со романот за деца и млади „Илина и тајните на баба на бабин запјат”, добитник на најголемата книжевна награда во таа категорија при Друштвото на писателите, потоа збирката раскази на Симона Јовановска „Ништо нормално”, романот „Јета” на Ивана Трајановска, „Дријади” на Игор Ангелков, прв роман за млади, и „Фобос”, дебитантски роман на Соња Станковска кој влезе во финалниот избор за роман на годината 2025.

„Сметам дека е едно книжевно откритие на годината”, вели Стевовиќ за „Фобос”.
Во поезијата, посебно го истакнува „Совршен поет”, собраната поезија на Игор Исаковски, „едно од најмаркантните имиња на македонската поезија”, а споменува и поетска книга на Игор Ангелков и „Чувари на малите нешта” на Ана Печинова.
Стевовиќ е директен за еден тренд кој малку кој го признава јавно: „Она што можам да го кажам за Или Или е дека последниве години ми се чини дека домашните автори дури малку и доминираат врз преводната литература.”
Сепак, зад охрабрувачката издавачка статистика стои посурова реалност. „Одливот на млади луѓе е огромен проблем. Тоа е нашата целна публика. Тоа се одразува врз читателската публика.” За саемскиот простор, Стевовиќ има конкретна замерка: „Би сакал штандовите да бидат поунифицирани. И малиот и поголемиот издавач да си има свој соодветен простор, но поголемиот да не доминира до таа мера. Покажувањето на богатство е, мислам, и вулгарно на некој начин. Треба да доминира книгата.”

Никола Гевечески: „Целиот систем е тотален крш”
Никола Гевечески, со 35 години на македонската издавачка сцена, зборува јасно и прецизно за денешната сцена. Тој е гласот кој на саемот го кажува тоа за кое другите молчат.
„Македонија е страшна средина за бавење со култура. Државата многу слабо внимава на издаваштвото, а пред сè гледа дека издаваштвото е дел од целиот механизам, во кој се и библиотеките, учебниците, образованието… Сето тоа кај нас е драматично запоставено”, вели тој.
Споредбата со регионот е безмилосна. „Во Словенија или Хрватска, огромен дел од книгите ги откупува државата за библиотеките и библиотеките функционираат беспрекорно. Имаат стотици илјади посетители. Кај нас се руинира сè максимално. Фондовите пропаѓаат стари, немаат за нови.” А за тиражите: „Во Србија, Румена Бужаровска се продава по дваесет илјади тираж. Овде дури и оние кои се комерцијални, максимум две-три илјади.”
Гевечески не кука само за пари. Го именува структурниот проблем: „Не само што е крш распадот на тој систем, него никој тоа не го гледа, а камоли да каже: ајде да помогнеме. Мораме и библиотеки, мораме учебниците да ги направиме нормални и квалитетни. Сè е тоа поврзано.”
За новиот бран на млади, женски издавачи кои предничат, Гевечески наоѓа вистинска радост. Ги именува Илика, Сказнулалка, Гаврош, Чудна Шума: „Они многу се трудат, комуницираат со странски писатели и странски издавачки куќи, саеми, сето тоа. Баш се поврзани со светот и тоа е некоја надеж дека можда за десет, дваесет години нешто ќе биде подобро.”
Од сопствените наслови, посебно го истакнува делото на Деспина Ангеловска за театар: „Едни од најдобрите теориски книги воопшто во последниве дваесет години. Можеби два примерока продадовме, ама тоа е вистински труд. Немаме теориска книжевност кај нас, на ниедно поле.”
И завршува сосема искрено: „Никогаш не сум бил во полоша финансиска ситуација, само затоа што и понатаму ја обожавам книгата. Работам, најчесто волонтерски.”

Ксенија Николова: „Пишувањето е прво лично прибежиште, потоа активизам”
Ксенија Николова, македонска авторка, зборува за литературата не само како уметност туку и како форма на отпор и заедница. Нејзиниот глас го носи прашањето кое на Саемот оваа година добива посебна тежина: дали литературата може да ја смени перцепцијата за родовата еднаквост?
„Секако дека има голема моќ. Литературата и генерално уметноста ги нема одговорите, но можат да го посочат она што е важно да се размислува, да се погледне од различни агли”, вели таа.
За сопственото пишување Николова е директна: „Колку поавтентично творам, колку поголема слобода си наоѓам во моето творештво, колку повеќе го користам тој канал да поразговарам и сама со себе и да го пресликам сето она што го живеам како жена во општеството, толку повеќе на автентичен начин се поместуваат границите.”
Пишувањето за неа не е само уметничко занимање. „Апсолутно, пред сè личен активизам. Уште уште од мала кога сум почнала да пишувам, тоа било едно прибежиште каде наоѓав слобода, разбирање и место каде никој не те суди.” Подоцна, тоа прераснало во нешто поголемо: „Кога сфаќаш дека добиваш огромна чест твојот глас да биде слушнат, тогаш преоѓа во некој активизам кој станува општествен.”
Нешто за кое говори посебно е важноста на заедницата: „Чувствувам дека сè повеќе сме отворени да разговараме за важните теми. Кога знаеш дека не си сама, можеш да се поврзеш со луѓе кои минуваат низ истото, навистина станува полесно.”

Виола Ардоне: „Литературата не го менува светот, но го менува умот”
Гостинката на „Сакам книга“, италијанската писателка Виола Ардоне, позната по нејзините романи кои ги истражуваат женскиот идентитет и слободата, го постави прашањето директно.
„Јас не знам дали литературата може да го промени општеството, но литературата може да ги отвори очите и да раскажува приказни, да раскажува романи и да го промени умот, начинот на кој се гледа светот и да се гледа односот меѓу мажите и жените”, вели Ардоне.
На прашањето за слободата, дали е лична или колективна борба, Ардоне одговара „Зависи за која жена. Но, мислам дека жените мора да останат заедно и да се борат заедно.”
За значењето на тоа да се биде слободна жена денес, Ардоне ја цитира Симон де Бовоар: „Симон де Боа рече дека да се биде жена е процес, а не ефект. Се согласувам со оваа теорија затоа што жените научиле дека мора да направат многу чекори за да постигнат работи што за мажите се природни.”

Прозорец кон нови светови, но за кого?
38-миот Саем на книгата е прогласен за проект од национален интерес во областа на културата, поддржан од Министерството за култура и туризам, а свеченото отворање е под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Организаторите со задоволство го бележат забележливиот тренд на враќање на младата генерација кон хартиените книги. Издавачите со кои разговаравме го потврдуваат ова, но и го контекстуализираат: „публиката расте, но бавно, а земјата ја испразнила токму онаа генерација која требаше да ја сочинува.“
Четирите различни гласа, на основачот, ветеранот, авторката и странската гостинка, го сочинуваат портретот на саем кој е жив, кој се бори и кој не прифаќа лесни одговори. Отвори прозорец кон нови светови. Но прозорецот функционира и во двата правца: гледа надвор и кон себе.