Пратениците во Европскиот парламент ги повикаа земјите членки да престанат да го дефинираат силувањето исклучиво врз основа на сила и насилство, нагласувајќи дека молчењето или недостатокот на отпор не смеат да се сметаат за согласност. Во извештај усвоен со 447 гласа „за“, 160 „против“ и 43 воздржани, Парламентот ја повика Европската комисија да предложи законодавство со кое ќе се воспостави заедничка дефиниција за силување заснована на доброволна, информирана и повлечлива согласност.
Пратениците истакнуваат дека недостатокот на отпор, отсуството на јасно „не“, претходна согласност, минато сексуално однесување или постоечка врска не смеат да се толкуваат како согласност, како и дека треба да се земе предвид дека жртвата може да реагира со „привремена парализа“.
Известителката на Комитетот за граѓански слободи, Евин Инцир, изјави дека со години се повикува на заедничка европска дефиниција за силување и дека, иако Советот го спречил нејзиното вклучување во директивата за борба против насилството врз жените, сѐ повеќе влади ја препознаваат потребата од ваков пристап. Нејзината колешка Јоана Вигус додаде дека е неопходно да се надминат застарените закони за да се обезбеди еднаква заштита за жените низ целата ЕУ.
Хрватскиот европратеник Mарко Вешилгај оцени дека принципот „само да значи да“ треба да стане европски стандард, бидејќи ќе ги затвори правните празнини поради кои жртвите често остануваат без правда. Тој нагласи дека тоа ќе значи појасни правила за полицијата и судовите, како и поголема одговорност за сторителите, додавајќи дека податоците за силување во Хрватска се загрижувачки.