Воздушни напади на САД и Саудиска Арабија во Ирак, осум луѓе загинаа

Ирачките народни мобилизациски сили тврдат дека загинале осум нивни припадници, додека Саудиска Арабија и ЦЕНТКОМ велат дека целта биле проирански милиции

Осум припадници на Ирачките народни мобилизациски сили (ПМФ) загинаа, а четворица се ранети во заеднички воздушни напади што ги изведоа САД и Саудиска Арабија врз позиции на ПМФ во Ирак. Саудиска Арабија и Централната команда на американската војска (ЦЕНТКОМ) соопштија дека целта биле проирански милиции, обвинети за напади врз американски војници и саудиска енергетска инфраструктура.

Осум припадници на Ирачките народни мобилизациски сили загинаа, а четворица се ранети во заеднички воздушни напади за кои ПМФ тврдат дека ги извршиле САД и Саудиска Арабија врз нивни позиции во Ирак. Народните мобилизациски сили оценија дека нападите претставуваат сериозно нарушување на суверенитетот на Ирак и директен напад врз официјалните безбедносни институции на земјата.

Саудиска Арабија и ЦЕНТКОМ соопштија дека нападите биле насочени кон проирански милиции, обвинети дека стојат зад неодамнешните напади врз американски војници и саудиска енергетска инфраструктура. Од саудиското Министерство за одбрана додаваат дека операцијата била одговор на напади со беспилотни летала. Противвоздушната одбрана пресретнала повеќе дронови насочени кон нафтени постројки во Источната Провинција и регионот на Ријад. „Саудиска Арабија не бара ескалација, но ќе одговори на секоја закана“, порачаа од Министерството.

Вооружената група „Исламски отпор во Ирак“, која има поддршка од Иран, негираше вмешаност во нападите врз Саудиска Арабија. Обвинувањата ги нарекоа „измислици“ и предупредија дека секој непромислен потег ќе добие жесток одговор.

Народните мобилизациски сили со години се предмет на несогласувања меѓу ирачките власти, САД и соседните држави. Иако според ирачкото законодавство се дел од државните безбедносни сили, тие често дејствуваат самостојно, а во минатото беа поврзувани со напади врз американски воени бази и амбасадата на САД во Багдад. Ирачкиот премиер Али ал Заиди најави посета на Саудиска Арабија, каде што се очекува да разговара и за најновите безбедносни случувања во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс