Американската влада и германската енергетска компанија RWE постигнаа договор вреден 1,2 милијарди долари за целосна обустава на проектите за морски ветерници во САД. Насоката на инвестициите драстично се менува, наместо обновлива енергија, германскиот гигант средствата ќе ги пренасочи кон изградба на инфраструктура за природен гас (LNG) во Луизијана, соопштија од компанијата по договорот со американското Министерство за внатрешни работи.
Според условите од договорот со администрацијата во Вашингтон, RWE се откажува од сите добиени концесии за изградба на ветерни-паркови долж бреговите на Калифорнија, Луизијана и во областа Њујорк Бајт. Од раководството на германската компанија потврдија дека од добиениот износ дури 900 милиони долари веднаш ќе инвестираат во проектот за извозен LNG терминал во Луизијана.
Како главна причина за оваа одлука, RWE ги наведе административните пречки. Соопштија дека по детални анализи сфатиле оти во догледно време нема реален пат за добивање на потребните дозволи во САД. Сепак, компанијата не се повлекува целосно од американскиот пазар, во следните шест години планира да вложи околу 17 милијарди евра во зголемување на своите производствени капацитети, но примарно во конвенционални извори на енергија.
Овој потег е директен резултат на енергетската политика на претседателот Доналд Трамп, кој во својата кампања и по враќањето во Белата куќа отворено застана зад индустријата за фосилни горива под слоганот „буши, само буши“. Американскиот секретар за внатрешни работи, Даг Бургум, изјави дека земјата мора да гради енергетски систем базиран на здрав разум, а не на скапи државни субвенции.
Договорот со RWE не е изолиран случај, туку дел од поширока стратегија за системско прекинување на проектите за обновлива енергија на морските брегови. Претходно, американските власти постигнаа сличен договор со француската компанија TotalEnergies, која ги прекина проектите за ветерници во замена за изградба на LNG капацитети во Тексас и нафтени платформи во Мексиканскиот Залив. Покрај тоа, и американската компанија Duke Energy доби 129 милиони долари за да ја раскине својата концесија во Северна и Јужна Каролина.