САД ја отворија вратата за иранската нафта

Вашингтон ги олесни санкциите кон Иран и дозволи продажба на нафта до 21 август. Техеран, пак, негира дека прифатил враќање на нуклеарните инспектори.

САД одобрија 60-дневно олеснување на санкциите кон Иран, со кое до 21 август се дозволува производство, продажба и испорака на иранска сурова нафта и петрохемиски производи. Одлуката претставува едно од најзначајните попуштања во американската политика кон Техеран во последните години. Според информациите објавени од „Би-би-си“, мерката овозможува директен увоз на иранска нафта во САД, како и банкарски трансакции, осигурителни услуги и транспорт без сложените посреднички механизми што Иран досега ги користеше за да ги заобиколи санкциите.

Одлуката доаѓа по разговорите меѓу американски и ирански претставници во швајцарското одморалиште Биргеншток, каде што, според посредниците Катар и Пакистан, е договорен „патоказ за постигнување конечен договор во рок од 60 дена“. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека разговорите поставиле „многу добра подлога“ за натамошен напредок и најави дека разговорите со инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија би можеле да започнат веднаш.

Техеран: Не сме презеле нови обврски

Само неколку часа подоцна, иранското Министерство за надворешни работи јавно ги демантираше таквите тврдења.

Портпаролот на Министерството, Есмаил Багаи, изјави дека Иран не презел „никакви нови обврски“ во врска со враќањето на нуклеарните инспектори и дека секоја идна соработка ќе се одвива исклучиво според постојните процедури. Демантот отвори прашања дали двете страни различно го толкуваат постигнатото во Швајцарија или станува збор за обид да се избегне политички притисок во домашната јавност.

Ормускиот Теснец во центарот на договорот

Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека за возврат Иран се согласил да го задржи отворен Ормускиот Теснец и да овозможи враќање на инспекторите на МААЕ. Ормускиот Теснец е една од најважните енергетски артерии во светот низ која поминува значителен дел од глобалниот извоз на нафта. Секоја закана за негово затворање предизвикува потреси на светските пазари.

По разговорите во Швајцарија треба да бидат формирани и посебни работни групи за нуклеарната програма, санкциите и реконструкцијата. Катар и Пакистан, кои посредуваат во процесот, соопштија дека веќе е воспоставена комуникациска линија за безбеден поморски сообраќај низ Ормускиот Теснец, како и механизам за деескалација поврзан со Либан.

Најголемо попуштање кон Иран во последните години

Со новото изземање од санкциите практично се суспендираат дел од најважните ограничувања што со децении ја притискаа иранската економија. Мерката му овозможува на Техеран полесно да извезува нафта и да располага со приходи во американски долари, што долго време беше една од главните цели на иранските власти.

Сепак, останува нејасно дали олеснувањето на санкциите е почеток на поширок договор меѓу Вашингтон и Техеран или само привремен чекор кон нова рунда преговори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс