Американската војска потврди дека седма последователна ноќ извршила воздушни напади врз Иран, додека борбите околу стратешки важниот Ормуски Теснец дополнително се засилуваат.
Според американската Централна команда, целта на операциите е натамошно слабеење на иранските воени капацитети.
Во нападите биле погодени мостови во јужната покраина Хормозган, важни за пристапот до Бандар Абас, како и објекти во пристаништето Чабахар, енергетска инфраструктура и аеродромот во Ираншахр.
Според иранските власти, во новиот бран напади загинале најмалку 38 лица, а повеќе од 400 биле повредени. Иранското Министерство за енергетика ги повика граѓаните да ја намалат потрошувачката на струја поради оштетувањата на мрежата и екстремните температури.
Иран возврати со напади во регионот
Иранската војска одговори со напади врз цели во Бахреин, Кувајт, Јордан, Оман и Катар. Во Катар било повредено едно дете од остатоци по пресретнување ракети.
Во Кувајт биле погодени електрана и постројка за десалинизација, со што бил оштетен системот за снабдување со вода.
Иранската револуционерна гарда им се закани и на државите во кои се наоѓаат американски воени бази, предупредувајќи дека нападите врз цивили и инфраструктура ќе имаат „висока и разорна цена“.
Сообраќајот низ Ормускиот Теснец драстично намален
Во центарот на конфликтот е Ормускиот Теснец, низ кој пред ескалацијата минуваше околу една петтина од светската нафта и гас.
Иако претходно беше постигнат привремен договор теснецот да остане отворен, сообраќајот во последните денови е драстично намален.
Иранските медиуми објавија дека во теснецот бил погоден брод под тајландско знаме, додека САД, според нивните тврдења, погодиле празен нафтен танкер кај островот Карг.
Продолжувањето на нападите го зголемува ризикот од поширока регионална војна и нови нарушувања на светскиот енергетски пазар.