САД тврдат дека преговорите со Иран напредуваат, но нуклеарното прашање останува отворено

Доналд Трамп предупреди дека нема договор со Иран без откажување од нуклеарно оружје, додека Техеран најавува одговор на американската поморска блокада.
USA Flag 1992

САД тврдат дека разговорите со Иран бележат напредок, но нуклеарното прашање и натаму останува главната пречка за договор. Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека нема да има договор, ниту укинување на поморската блокада, доколку Техеран не се откаже од нуклеарно оружје.

Трамп изјави дека имал телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, кој, според него, понудил помош околу прашањето со збогатениот ураниум.

„Тие направија голем напредок, но прашањето е дали ќе одат докрај. Никогаш нема да има договор ако не се согласат да немаат нуклеарно оружје. Путин исто така не сака тие да имаат нуклеарно оружје. Тој ми рече дека би сакал да биде вклучен во прашањето со збогатувањето, ако може да ни помогне околу тоа, но многу повеќе би сакал да биде вклучен во завршување на војната во Украина“, изјави Трамп.

Од Техеран, пак, стигна предупредување дека американската поморска блокада може да предизвика „невиден одговор“. Заканата доаѓа во период на зголемени тензии во регионот и неизвесност околу иднината на преговорите.

Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, предупреди дека прашањето со високо збогатениот ураниум на Иран мора итно да се реши.

„Сè додека нашите инспектори немаат пристап, не можеме со сигурност да кажеме што се случува на теренот“, изјави Гроси.

Медијаторите во Пакистан во следните денови очекуваат ревидиран мировен предлог од Иран, кој би можел да покаже дали има простор за продолжување на дипломатскиот процес.

Во меѓувреме, цената на нафтата достигна највисоко ниво во последните четири години. Растот следува откако политичкиот портал „Аксиос“ објави дека американската команда ќе го информира Трамп за можни акции против Иран, што дополнително ги засили стравувањата од нова ескалација на вооружениот конфликт на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни