САД и Иран се приближуваат до договор за краток меморандум чија цел е завршување на војната, изјавил регионален извор запознаен со преговорите за CNN. Сепак, претставници на администрацијата на Доналд Трамп предупредуваат дека разговорите и претходно пропаѓале во последен момент.
Белата куќа во вторникот добила позитивни сигнали од пакистанските посредници дека Иран се движи кон компромис, изјавиле двајца претставници на администрацијата, иако додале дека со претпазливост гледаат на оптимизмот на Пакистан.
Според регионалниот извор, во последните денови се појавил обновен дипломатски притисок. Трамп, како што наведува изворот, се обидува да ги поедностави прашањата во мировните преговори, со цел умерените кругови во иранскиот режим повторно да се вратат на преговарачката маса, додека потешките прашања би се решавале подоцна.
Планот што внатрешно се разгледува е на една страница и содржи одредби што се во центарот на преговорите за крај на конфликтот. Документот би прогласил завршување на војната и би отворил 30-дневен период за преговори за спорните прашања, меѓу кои нуклеарната програма, одмрзнувањето на иранските средства и идната безбедност во Ормускиот Теснец.
Точните детали на планот засега не се целосно потврдени. Но, според изворот, во документот би се разговарало за мораториум на збогатување ураниум за период подолг од 10 години. Претходен американски предлог предвидувал мораториум од 20 години.
Планот, исто така, бара Иран да ја изнесе од земјата својата залиха на високо збогатен ураниум, но деталите за тоа сè уште се предмет на преговори.
Позитивните сигнали од Пакистан, според претставниците на администрацијата, го поттикнале Трамп во вторникот да најави пауза на „Проект Слобода“ — операција чија цел беше да им помогне на заглавените бродови да излезат од Ормускиот Теснец. Паузата била објаснета со напредокот во преговорите со Иран.
Претходно, државниот секретар Марко Рубио изјави дека операцијата „Epic Fury“ завршила и дека администрацијата целосно се фокусира на „Проект Слобода“.
Регионалниот извор за CNN изјавил дека колку посилно САД ја туркале агендата на „Проект Слобода“ и „Epic Fury“, толку повеќе тврдокорните кругови во Иран добивале простор и влијание.
Главниот приоритет на Трамп, според претставници на администрацијата, е да најде дипломатски излез од војната и брзо повторно да го отвори Ормускиот Теснец.
Сепак, американскиот претседател во средата упати и нова закана кон Иран, порачувајќи дека ако не се постигне договор, „бомбардирањето почнува“ и дека ќе биде со „повисоко ниво и интензитет од претходно“.
Пред прогласувањето на прекинот на огнот, претставници на администрацијата на Трамп се надеваа дека ќе се финализира рамка за клучните прашања: Иран да се обврзе на суспензија на збогатувањето ураниум и укинување на ограничувањата во Ормускиот Теснец, а САД да ги олеснат санкциите кон Техеран и да ослободат милијарди долари замрзнати ирански средства.
Тоа била и целта на потпретседателот Џеј Ди Венс, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, кои требало да патуваат во Пакистан за втора рунда разговори. Но, преговорите тогаш пропаднале поради, како што тврделе американски претставници, поделби меѓу иранските лидери.