Индиректните преговори меѓу САД и Иран, кои се одржуваат во Доха со посредство на Катар и Пакистан, бележат напредок, оценуваат и Вашингтон и Техеран. Сепак, прашањето за контролата врз Ормускиот Теснец останува едно од најспорните во разговорите.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите се движат во позитивна насока, повторувајќи дека САД нема да дозволат Иран да поседува нуклеарно оружје. Оптимизам изрази и американскиот потпретседател Џејмс Дејвид Венс, кој оцени дека разговорите поминале „исклучително добро“ и дека Белата куќа има цел да постигне траен договор.
Од друга страна, Техеран останува на ставот дека по истекот на привремениот договор мора да добие меѓународно признавање на своето право на контрола врз Ормускиот Теснец – еден од најважните светски поморски правци за транспорт на нафта.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека неодамнешните договори со САД веќе почнале да даваат позитивни економски резултати, алудирајќи на обновениот извоз на иранска нафта и постепеното ублажување на економските ограничувања. Иако двете страни испраќаат охрабрувачки пораки за текот на разговорите, прашањето за Ормускиот Теснец и понатаму претставува клучен предизвик за постигнување конечен договор.