САД најавуваат нова рунда состаноци со Иран во Доха, додека Техеран тврди дека во Катар ќе се разговара исклучиво за спроведување на веќе постигнатиот договор и за управување со Ормускиот теснец. Комитетот за Ормус, организиран од Иран и Оман го одржа својот прв состанок, со идеја за евентуално заедничко управување со стратешкиот теснец во иднина.
Заменик-министерот за надворешни работи на Иран за правни и меѓународни прашања, Казем Гарибабади, изјави дека на состанокот се разговарало за актуелните прашања поврзани со теснецот, како и за неговото идно управување во рамки на меѓусебен меморандум за разбирање и суверените права на крајбрежните држави.
Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ирански и американски технички тимови ќе се сретнат во Доха за имплементација на договорот, додавајќи дека состанокот е на барање на Техеран. Белата куќа потврди дека ќе има и состанок на високо ниво, каде американската делегација ќе ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Сепак, официјален Техеран негира дека се планирани преговори на високо ниво со САД. Портпаролот на иранското МНР, Есмаил Багаеи, изјави дека иранската делегација во Доха ќе се занимава само со спроведување на договореното, а не со нови разговори со американска страна.
Паралелно, растат тензии во регионот на Ормускиот теснец. Катар привремено ја прекина пловидбата на помали бродови по смртта на негов државјанин, кој загинал од повреди предизвикани од шрапнели од „воени дејствија“ во областа.
Дополнително, Иран и Оман одржаа прв состанок на заедничкиот комитет за Ормус, каде се разгледувале можни модели за идно управување со теснецот. Иран, сепак, се противи на учество на Франција и Оман во активности поврзани со деминирање во регионот. САД и Иран и натаму имаат спротивставени ставови за тоа дали воопшто постојат нови преговори, што дополнително ја зголемува неизвесноста околу дипломатските контакти.