САД и Иран остро се судрија во ОН

Ирански извори открија дека новиот предлог за крај на конфликтот предвидува одложување на разговорите за нуклеарната програма до завршување на војната и решавање на спорот околу поморскиот сообраќај во Персискиот Залив

САД и Иран влегоа во жесток вербален судир во Обединети нации поради именувањето на Техеран за еден од потпретседателите на конференцијата посветена на неширењето на нуклеарното оружје. Судирот се случи на отворањето на 11-тата ревизиска конференција на Договор за неширење на нуклеарно оружје (NPT), кој е во сила од 1970 година.

Иран, заедно со уште 33 држави, беше избран за потпретседател на предлог на „групата на неврзани и други држави“, објасни претседавачот на конференцијата, виетнамскиот амбасадор До Хунг Виет.

„Срам за кредибилитетот на конференцијата“

Американскиот претставник Кристофер Ју, помошник секретар во Бирото за контрола на вооружување, го нарече изборот на Иран „навреда“ за самиот договор. Тој изјави дека Иран „долго време покажува презир кон обврските од NPT“ и одбива соработка со нуклеарниот надзорен орган на ОН.

Од друга страна, иранскиот амбасадор во Меѓународна агенција за атомска енергија, Реза Наџафи, ги отфрли американските обвинувања како „неосновани и политички мотивирани“.

„Неприфатливо е САД, како единствена земја што употребила нуклеарно оружје и која продолжува да го модернизира својот арсенал, да се претставува како арбитер“, изјави Наџафи.

Нуклеарното прашање во центарот на конфликтот

Нуклеарната програма е во срцето на двомесечниот конфликт меѓу Иран и САД со поддршка на Израел. Американскиот претседател Доналд Трамп повтори дека Иран „никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје“.

Техеран бара од Вашингтон да го признае правото на збогатување ураниум за мирнодопски цели, додека западните земји стравуваат дека тоа може да се искористи за развој на оружје. Иако Иран тврди дека нема такви намери, и Меѓународна агенција за атомска енергија и американските разузнавачки служби проценуваат дека до 2003 година постоел програм за развој на нуклеарно оружје.

Нов предлог од Техеран

Ирански извори открија дека новиот предлог за крај на конфликтот предвидува одложување на разговорите за нуклеарната програма до завршување на војната и решавање на спорот околу поморскиот сообраќај во Персискиот Залив. Во меѓувреме, Доналд Трамп одржа состанок со своите советници за национална безбедност.

Портпаролката на Белата куќа Каролин Левит изјави дека „црвените линии на претседателот кон Иран се многу јасно поставени“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни