Европските авиокомпании може да се соочат со банкроти доколку цените на авионското гориво останат високи во текот на летото, предупреди извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири.
Тој оцени дека дел од конкурентите ќе имаат сериозни финансиски проблеми ако цените не се намалат, додека Ryanair е во подобра позиција бидејќи однапред обезбедил 80 проценти од потребното гориво.
Цените на авионското гориво нагло пораснаа по блокадата на Ормускиот Теснец, која следеше по почетокот на војната на Блискиот Исток на 28 февруари.
„Цените експлодираа од март 2026 година. Авионското гориво А-1 во март чинеше околу 80 долари за барел. Сега е 150 долари“, изјави О’Лири за CNBC на конференција во Осло.
Според податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт, просечната цена на авионското гориво за неделата што заврши на 24 април пораснала на 179 долари за барел.
„Ако цените останат високи подолго во текот на летото, сметаме дека бројни конкурентски авиокомпании во Европа ќе се соочат со сериозни финансиски тешкотии“, рече О’Лири.
Тој додаде дека очекува „реални банкроти“ доколку цената остане околу 150 долари за барел во јули, август и септември.
„Ќе видите пропаѓање на европски авиопревозници, што среднорочно веројатно би било добро за бизнисот на Ryanair“, изјави тој.
О’Лири нагласи дека Ryanair е „најдобро заштитената авиокомпанија во Европа“ кога станува збор за обезбедување гориво.
„Можеме да им гарантираме на луѓето дека нема да има поскапување на билетите, доплати за гориво или дополнителни трошоци поради скокот на цените, без оглед на тоа што ќе се случи со летното снабдување“, рече тој.
Според О’Лири, пред неколку недели постоела загриженост околу снабдувањето на Велика Британија со авионско гориво, но ситуацијата во меѓувреме се подобрила.
Сепак, Меѓународната агенција за енергија предупреди дека Европа би можела да ги почувствува последиците од недостиг на авионско гориво за само шест недели, во зависност од тоа колку успешно ќе го надомести намаленото снабдување од Блискиот Исток.
Од агенцијата посочуваат дека Блискиот Исток претходно сочинувал 75 проценти од европскиот нето-увоз на авионско гориво.
О’Лири порача дека Ормускиот Теснец мора повторно да се отвори „што е можно побрзо“.
Дел од европските авиокомпании веќе преземаат мерки. EasyJet соопшти дека во март имал дополнителни трошоци за гориво од 25 милиони фунти, односно околу 34 милиони долари. Компанијата очекува дека ќе мора да ги намали трошоците и да ги зголеми цените на билетите.
Германската Lufthansa откажа 20.000 кратки летови до октомври за да заштеди 40.000 метрички тони авионско гориво и да ги намали непрофитабилните линии.
Скандинавскиот SAS објави дека поради трошоците за гориво откажува 1.000 летови во април, додека холандскиот KLM го намалува капацитетот за 80 летови поради растечките цени на керозинот.