Руски војник уби тројца цивили и еден соборец во окупираното село Новофедоровка на полуостровот Крим, по што побегна од местото на настанот. Според првичните информации од локалните медиуми и социјалните мрежи, инцидентот се случил по вербална расправија во приватна куќа. Полицијата и воените служби спроведуваат опсежна потрага по осомничениот кој е во бегство и е вооружен со автоматска пушка.
Инцидентот се случил во вечерните часови кога војникот, идентификуван во локалните извештаи како припадник на руските вооружени сили, престојувал во приватен објект со група цивили и уште еден свој колега. По конфликтот што ескалирал во физичка пресметка, тој отворил оган од службеното оружје.
На местото на настанот на повредите им подлегнале сите четири лица, меѓу кои две жени и двајца мажи. Меѓу убиените е и вториот војник кој се обидел да го спречи нападот.
По пукањето, напаѓачот го напуштил објектот земајќи го со себе оружјето и дополнителна муниција. Локалните власти го блокираа реонот околу Новофедоровка и поставија контролни пунктови на главните патни правци низ Крим.
Военото обвинителство отвори истрага за повеќекратно убиство и дезертерство со оружје. Дополнителни детали за идентитетот на жртвите сè уште не се официјално објавени од страна на истражните органи.