Руските сили целосно го блокираа Олешки, илјадници цивили оставени без струја и лекови

Околу три илјади граѓани на окупираниот град кај Херсон се соочуваат со хуманитарна катастрофа и постојани напади од дронови.

Руските сили целосно го блокираа Олешки, каде што илјадници цивили се оставени без струја и лекови во нехумани услови за живот. Во окупираниот град јужно од реката Днепар, на само четири километри од Херсон, во моментов живеат меѓу 1.500 и 4.000 луѓе. Според извештаите на германските медиуми Билд и Дојче веле, пристапот до основни животни намирници е целосно прекинат, а украинските апели за евакуација засега остануваат без одговор.

Градот Олешки, во кој пред почетокот на војната живееја околу 24.000 жители, руските сили го претворија во изолирана зона. Самиот град и сите пристапни патишта се густо минирани, додека мостот Антонивка, кој претставуваше главна врска со Херсон, беше урнат уште во ноември 2022 година.

Украинските извори наведуваат дека последната пратка со храна во градот влегла на 26 мај. Оттогаш снабдувањето е целосно прекинато. Граѓаните немаат електрична енергија и се принудени да палат оган на отворено за да подготват оброк. Недостигот од вода и основни медицински средства дополнително ја влошува состојбата пред почетокот на зимата.

Сведоштвата на терен опишуваат очајна борба за опстанок. Граѓаните ги колат сопствените животни бидејќи нема со што да ги прехранат. По нападот врз еден од хуманитарните конвои, преостанатите жители веднаш излегле да ги собираат расфрланите остатоци од храна по улиците.

Опасноста за цивилите е секојдневна поради гранатирања, шрапнели и мини. Според сведоци, руските сили користат беспилотни летала кои постојано кружат над градот за да ги таргетираат луѓето на отворен простор. Телата на загинатите често со денови остануваат на улиците. Обидите за напуштање на реонот завршуваат со истрели или со враќање на цивилите назад со закани од страна на руските војници.

Властите во Киев и меѓународните организации неколку месеци се обидуваат да договорат безбеден коридор за евакуација на преостанатите цивили. Украинската страна бара итно отворање премини за доставување хуманитарна помош и извлекување на болните и децата, но руската воена администрација одбива да дозволи пристап на меѓународни хуманитарни мисии во овој дел од Херсонската област.

е-Трн да боцка во твојот инбокс