Обвинение во Лондон: Британски државјанин подготвувал руски саботажи во Англија

Џошуа Кемиџ испраќал координати од фабрики за дронови во Свиндон до руското воено разузнавање, му се закануваат до 14 години затвор.

Триесет и едногодишниот Британски државјанин Џошуа Кемиџ е обвинет пред судот во Лондон за директна соработка со руската воена разузнавачка служба ГРУ, потврди британското обвинителство. Кемиџ од март до почетокот на септември собирал и пренесувал информации за фабрики за дронови во својот роден град Свиндон со цел нивно саботирање, што претставува директно кршење на британскиот Закон за национална безбедност.

Според наводите на обвинителството презентирани на првото сослушување, Кемиџ одржувал редовен контакт со лице кое се претставувало како претставник на таканаречениот Доброволен корпус на ГРУ. Оваа формација делува под директна команда на руското воено разузнавање, а Британија уште во јули ја класифицираше како закана за националната безбедност поради изведување непријателски тајни операции.

„Главна тема на нивната комуникација беа локациите на фабриките за дронови во Обединетото Кралство и планирањето на нивната саботажа“, изјави обвинителот Ворен Стениер пред судот, нагласувајќи дека осомничениот бил целосно свесен за идентитетот на своите соговорници и за последиците од дејствијата.

Обвинението прецизира дека Кемиџ мапирал и предал податоци за четири локации поврзани со производство на беспилотни летала во Свиндон, град западно од Лондон.

Кемиџ пред судот не се изјасни за вината. Судијата му одреди мерка притвор, по што на 25 септември треба да се појави пред Централниот кривичен суд во Лондон (Олд Бејли).

Случајот доаѓа по стапувањето во сила на новите законски мерки во Британија, со кои владата доби пошироки овластувања за прогон на поединци и групи кои дејствуваат како посредници за странски држави. За поддршка или оперативно помагање на формации поврзани со ГРУ, новиот закон предвидува затворска казна до 14 години. Лондон во изминатите месеци отворено ја посочи Москва за серија саботажи и обиди за поткопување на воената поддршка што земјата ѝ ја дава на Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс