Масовен руски ракетен удар на Украина ја активираше полската авијација

Русија истрела десетици ракети и стотици дронови, а во нападот загинаа најмалку осум лица, меѓу кои две деца.

Русија во текот на ноќта изведе масовен ракетен и воздушен напад со десетици балистички и крстаречки проектили и стотици дронови врз повеќе градови низ Украина. Според првичните информации од украинските власти, загинаа најмалку осум луѓе, меѓу кои две деца, а над 30 се повредени. Нападот предизвика тревога и во соседните земји од НАТО, по што Полска веднаш подигна воени авиони за заштита на својот воздушен простор.

Најтешки последици се регистрирани во Криви Рих, каде балистичка ракета „Искандер-М“ погоди семејна куќа. Во нападот загинаа две девојчиња на возраст од пет и 12 години и уште четири возрасни лица, а осуммина се повредени. Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините поради сомнеж за заглавени луѓе.

Експлозии одекнаа и во главниот град Киев, каде што загина најмалку едно лице, а три куќи се оштетени. Истовремено, во Полтавската област едно лице го загуби животот по удар врз складиште.

Напади беа забележани и во источниот град Лавов, каде беа погодени две станбени згради и повредени најмалку 15 луѓе. Градот се наоѓа на само 70 километри од границата со Полска. Напади беа пријавени и во Ивано-Франкивск, регион што граничи со Романија.

Поради интензитетот на нападите и близината до нејзината граница, Полска ги активираше системите за противвоздушна одбрана и подигна борбени авиони. Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека мерките се преземени превентивно за да се осигура безбедноста на националниот воздушен простор.

Украинските власти предупредуваат дека Русија сè почесто комбинира масовни бранови на дронови со балистички ракети за да ја преоптовари противвоздушната одбрана. Украина се соочува со сериозен недостиг на проектили за системите „Патриот“, кои се клучни за пресретнување на балистичките ракети.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно разговараше за испорака на дополнителни системи со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа. Двете страни разгледуваат и предлог за делумно примирје кое би опфатило прекин на воздушните напади.

е-Трн да боцка во твојот инбокс