Најмалку 17 лица загинаа, а десетици се повредени во нов руски ноќен напад со дронови и балистички ракети врз Киев и Киевската област, соопштија украинските власти.Најмногу жртви има во областа Бровари, каде загинале девет лица, додека во Буча се пријавени уште четири жртви. Едно лице загинало во областа Фастив. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, соопшти дека во главниот град се повредени најмалку 24 лица.
Според украинското воздухопловство, Русија во нападот лансирала 115 дронови, 24 балистички и четири хиперсонични ракети. Киевската област била главната цел на нападот. Украинската противвоздушна одбрана успеала да пресретне или попречи 98 дронови, но, според украинските власти, не била пресретната ниту една од ракетите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно побара забрзување на испораките на системи за противвоздушна одбрана, особено ракети за Patriot, предупредувајќи дека недостигот од средства за пресретнување на балистички ракети директно се одразува врз бројот на цивилни жртви.
„Пресретнувачи за балистички ракети можеле да спасат животи“, порача Зеленски по нападот.
Русија го потврди нападот, но соопшти дека биле гаѓани транспортни, логистички и дистрибутивни центри. Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дополнителни 1,4 милијарди евра помош за Украина, финансирани од приходите од замрзнати руски средства.
Нападот доаѓа во период кога Москва ги засилува воздушните удари, додека Киев предупредува дека неговите залихи на ракети за противвоздушна одбрана се сериозно намалени.