Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека во последната недела во руски напади врз Украина загинале 52 лица, а 346 биле повредени, меѓу нив и 22 деца. Според него, голем дел од ударите биле насочени кон станбени објекти и цивилна инфраструктура.
Зеленски наведе дека Русија во истиот период лансирала повеќе од 3.170 борбени дронови, над 1.300 наведувани авионски бомби и 74 ракети од различен тип, од кои најголем дел биле балистички.
Украинскиот лидер порача дека овие напади повторно ја покажуваат потребата од посилна противвоздушна одбрана и заедничка европска заштита од балистички закани. Тој истакна дека Украина работи со партнерите за зајакнување на одбранбениот систем.
Kyiv Post објави дека станува збор за повеќе од 4.500 проектили, дронови и наведувани бомби во рок од седум дена, што го прави нападот дел од една од најинтензивните руски воздушни кампањи во последниот период.
Нападите доаѓаат по неколку дена масовни руски удари врз украински градови, меѓу кои и Киев, каде што претходно беа погодени станбени згради и цивилни објекти. The Guardian објави дека Украина претрпела повеќедневни ракетни и дрон-напади, по што Киев изведе и голем дрон-одговор врз цели во Русија.