Во руски напад врз пазар во градот Златопил, во Харковската област, денеска се повредени 11 лица, меѓу кои и 11-годишно момче. На местото на нападот избувнал пожар во продажните објекти, а итните служби се на терен, објави „Украинска правда“.
Информацијата ја потврди началникот на воената управа на Харковската област, Олех Синјехубов.
„Според досегашните информации, повредени се 11 лица, меѓу кои и 11-годишно момче. Медицинските екипи на сите им ја пружаат потребната помош“, изјави тој.
Четворица загинати во Доњецката област
Еден ден претходно, на 17 ноември, руските сили убиле четворица цивили во Доњецката област. Началникот на регионалната воена управа, Вадим Филашкин, соопшти дека две лица загинале во Словјанск, а по едно во Шабелкивка и Јаснохирка.
„Русите на 17 ноември убија четворица жители на Доњецката област: двајца во Словјанск, еден во Шабелкивка и еден во Јаснохирка“, објави Филашкин на Телеграм.
Тој напомена дека вкупниот број жртви во регионот не ги вклучува загинатите во Мариупол и Волноваха.
Нападите се продолжение на руските удари врз цивилни цели. Според податоците на воената управа, на 14 ноември во Доњецката област биле повредени четири лица – три во Словјанск и едно во Краматорск. Истиот ден, во Харковската област биле повредени 14 лица, меѓу кои и четири деца.
