Епл ќе се соочи со судски процес во Париз во јуни следната година поради сомневања дека намерно го скратувал векот на траење на неколку модели на ајфон, оневозможувајќи поправки надвор од своите овластени сервиси. Информацијата за агенцијата Франс прес ја потврдил извор близок до случајот.
Постапката против американскиот технолошки гигант ја покренале француските обвинители под сомнение за „попречување на поправките и обновувањето на уредите“. Од здружението „Стоп за планираното застарување“ (Stop Planned Obsolescence) велат дека станува збор за прв ваков случај и ја поздравија одлуката, откако во декември 2022 година поднеле пријава против компанијата.
„Категорично ги оспоруваме овие неосновани обвинувања“, соопштил Епл во одговор на прашањата на Франс прес.
Планираното застарување е практика со која производителите намерно го ограничуваат работниот век на своите производи, најчесто електронски уреди, со цел потрошувачите почесто да купуваат нови.
Казна до 21,7 милијарди евра
Доколку биде прогласен за виновен, Епл би можел да добие казна до 300.000 евра, како и дополнителна парична казна во висина до пет отсто од годишните приходи. Според проценките објавени во моментот на објавувањето на веста, тоа би изнесувало околу 21,7 милијарди евра. Компанијата може да се соочи и со барања за отштета од засегнатите корисници.
Според извор близок до случајот, пред судот треба да се појават „Епл дистрибуција интернешнл“ (Apple Distribution International) и нејзината матична компанија „Епл инк.“ (Apple Inc.). Процесот е закажан да започне на 17 јуни и треба да трае четири дена. Обвиненијата се однесуваат на попречување на поправките на повеќе модели ајфон во период од повеќе од две и пол години, од ноември 2021 до јули 2024 година.
Меѓу засегнатите уреди се ајфон Екс Ес, како и моделите од сериите ајфон 12, 13, 14 и 15, и ајфон СЕ од 2022 година. Според обвинението, Епл го конфигурирал својот софтвер така што „поправката или обновувањето“ на телефоните надвор од овластената сервисна мрежа станувале невозможни.
Како пример се наведува функцијата Фејс Ај-Ди (Face ID), која можела да престане да работи доколку камерата била заменета во неовластен сервис. Исто така, можело да престане да функционира и прикажувањето на состојбата на батеријата.
Според обвинителите, целта на ваквите практики била зголемување на продажбата на водечкиот производ на компанијата и на нејзините приходи. Епл остварува повеќе од 400 милијарди долари годишни приходи, а приближно половина од нив доаѓаат од продажбата на ајфони.
Епл и претходно бил казнет поради софтверски ажурирања
Ова не е првпат здружението „Стоп за планираното застарување“ да покрене постапка против американскиот технолошки гигант. Во февруари 2021 година, Епл се согласил да плати 25 милиони евра поради тоа што не ги информирал корисниците на ајфон дека софтверските ажурирања може да ги забават постарите уреди.
Таа спогодба беше една од неколкуте постигнати во различни земји, откако во декември 2017 година Епл призна дека најновата верзија на оперативниот систем иОС (iOS) ги забавувала постарите телефони со батерии чиј капацитет веќе бил намален.
